Скопје
Почна Вториот регионален саем за економски развој „ЕКСПО ИЛИНДЕН“
Во спортската сала „Гоце Делчев“ во н.м Илинден свечено беше отворен Вториот регионален саем за економски развој „ЕКСПО Илинден“, кој прераснува во значаен настан за поттикнување на локалниот и регионалниот економски раст.
-Саемот официјално го отвори градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, кој во своето обраќање истакна дека по успешното прво издание, годинашното продолжение претставува потврда за континуираната посветеност на општината кон создавање поволна деловна клима и поддршка на економскиот развој. Тој нагласи дека „ЕКСПО Илинден“ претставува важна платформа за вмрежување на институциите, бизнис секторот и граѓаните, со цел размена на идеи и поттикнување нови инвестиции, информираат од Општината.
На настанот биле присутни и заменик-министерот за економија и труд, Маријан Ристески, директори на јавните установи во општината, советници, како и голем број граѓани.
Годинашното издание на саемот бележи зголемен број на компании и учесници од повеќе стопански гранки, меѓу кои индустријата, градежништвото, земјоделството, туризмот, прехранбената индустрија и новите технологии, што претставува показател за довербата во економскиот потенцијал на општината.
„ЕКСПО Илинден“ продолжува и во наредните денови со разновидна програма, овозможувајќи деловни средби, вмрежување и воспоставување нови партнерства, со цел понатамошен економски развој и зајакнување на деловната клима во општината и поширокиот регион.
април 23, 2026

