Connect with us

Регион

Одржан состанок на опозициски партии во Србија, најавуваат продолжување на соработката за можни парламентарни избори

Во седиштето на Националното движење на Србија (НПС) доцна синоќа заврши состанок на девет опозициски партии со оценка на учесниците дека разговорот бил „многу добар“. Во кусите изјави по состанокот, тие најавија продолжување на соработката, во контекст на можни избори  летоска.

Состанокот на претставниците на опозицијата траеше час и половина – темата беа парламентарни избори. Според нив и дел од српските медиуми, парламентарни избори ќе бидат распишани најверојатно во првата половина од јули. 
Аналитичари наведуваат дека тоа е можниот прв чекор кон евентуален заеднички настап на опозициските партии на евентуални парламентарни избори.

Мирослав Алексиќ, претседател на НПС на чија покана се организираше состанокот, пред неколку дена изјави дека на вонредни избори, доколку бидат распишани, најдобро е да учествуваат во една опозициска колона – студентското движење и опозицијата заедно.

„Би предложил договор што би подразбирал опозициските партии да се откажат од своите позиции во идната извршна власт и најстручни луѓе да бидат предложени за министри, а опозицијата да дејствува преку парламентот и да ја поддржува новата реформска агенда на Владата за која би се согласиле“, наведе тој во авторскиот текст за весникот „Данас“.

Немаше јавен одговор на таа понуда од студентското движење кое подготвува своја листа за изборите.

На состанокот присуствуваа претставници на НПС, Партија за слобода и правда (ССП), Зелено-левичарски фронт (ЗЛФ), Еколошко востание, Партијата Србија центар (СРЦЕ), Движење на слободни граѓани (ПСГ), Социјалдемократи, Движење за децентрализација, како и Ново лице на Србија.

Претставници на Демократската партија, движењето Крени-промени и Нова ДСС не дојдоа на состанокот.

Демократската партија објави дека не присуствувала на состанокот на опозицијата бидејќи ја поддржува студентската листа и дека им ја става на располагање својата логистика и ресурси. Претседателот на таа партија, Срѓан Миливојевиќ, изјави дека „ова не е борба за мандати, туку борба за слобода“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе ги продолжи денеска консултациите со претставниците на партиите почнати на 3 април. Теми на консултациите се предвремени парламентарни избори и постапки на Србија во сложени меѓународни околности во областа на безбедноста и енергетиката. Тој изјави дека парламентарни избори можно е да распише во почетокот на летото или најдоцна до крајот на годината.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4