Технологија
Стравот како бизнис: ВИ проектира катастрофи, чудовишта и апокалипси
Ширењето на теории за заговор на социјалните мрежи може да биде финансиски исплатливо, покажуваат истражувања. Преку креативната програма на ТикТок, корисници објавуваат видеа со чудовишта, вампири, астероиди и земјотреси, често со неосновани тврдења и драматична визуелна и аудио обработка.
Невладината организација „Медиа матерс“ наведува дека дел од овој содржински тренд претставува бизнис модел, во кој креаторите заработуваат од видеа што шират дезинформации или шпекулации за крај на светот. Ваквите видеа, кои често имаат милиони прегледи, користат вештачка интелигенција за генерирање гласови, а понекогаш имитираат и јавни личности. Во нив се појавуваат драматични наративи, како предупредувања за астероиди што наводно се движат кон Земјата или теории за тајни владини активности.
Според истражувачката Еби Ричардс, финансиските поттикнувања преку платформите создаваат услови за ширење на ваков тип содржина, но од ТикТок ја демантираат, образложувајќи дека теориите на заговор не се дозволени за монетизација или препорака. Но, и покрај тоа експертите предупредуваат дека комбинацијата од лесно достапни алатки за ВИ и финансиски поттик може да го зголеми обемот на дезинформации. Проблемот дополнително се засилува во контекст на дебатите за регулација на ТикТок и влијанието на социјалните мрежи врз јавноста.
Регулаторите од САД и Европа веќе предупредуваат за ризици од длабоки фалсификати и дезинформации, особено во изборни периоди. Сепак, експертите истакнуваат дека забраните не се единствено решение и повикуваат на поширок пристап во справување со проблемот. Според нив, потребно е правење рамнотежа меѓу слободата за изразување и потребата за заштита од штетни и лажни информации.
април 17, 2026

