Connect with us

Технологија

Предвидување: ВИ нема да ги замени основните и клучни човекови одлики и квалитети

Вештачката интелигенција минатото десетлетие беше пречекана од луѓето со возбуда, еуфорија, а кај некои луѓе и со страв – дека, наводно, ќе им ги преземе повеќето работни места што лесно можат да се автоматизираат. Сепак, постојат и работни места каде што луѓето ќе бидат „непобедливи“. Во тој поглед, поранешниот извршен директор на „Опен-АИ (OpenAI)“, Зек Кас во разговор  за „Бизнис инсајдер (Business Insider)“ фрла нова светлина врз темата за задржување на работниците. Накусо, според него, најважни тука ќе бидат човековите особености храброст, емпатија, визија и мудрост, како и пријателството.

Човековите одлики и квалитети, вели, ќе станат клуч за незаменливост, автентичност и просперитет на работниците во светов каде што ВИ, просто, „ги голта“ работните места. И други аналитичари изразија стравувања дека ВИ „им ја краде“ работата на сите луѓе – особено оние што бараат многу рачна работа. Некои други, пак, сметаат дека ВИ ќе предизвика „истребување на човештвото“. И иако сѐ уште нема јасен одговор, ВИ неумоливо се движи напред. Во таа смисла, Кас има неколку совети.

– Вештачката интелигенција ќе преземе голем дел од нашето знаење и многу од нашите вештини. Но, самата суштина на она што нè прави луѓе ќе добие уште поголемо значење на пазарот на трудот, а непроменливите човекови квалитети, како што се храброста, визијата, мудроста и емпатијата – ќе добијат огромно значење, нагласи стручњакот.

Неговата поента е дека работниците треба сè повеќе да се осврнуваат на областите каде што ја победиле ВИ, а тоа е критичкото размислување.

– Тие ќе имаат предност ако го разберат проблемот на навистина уникатен начин. Тоа е нешто што ВИ нема надеж да го направи, т.е. да ги победи луѓето. Не само тоа, туку дури и човековото пријателство секогаш ќе ги става работниците пред вештачката интелигенција… Така, луѓето ќе мора да ги нагласат своите лични квалитети за да останат пред ВИ, додаде Кас.

Веќе постојат предвидувања дека ВИ ќе влијае на речиси 40 отсто од работните места ширум светот, заменувајќи некои и надополнувајќи други, што предизвикува загриженост во деловниот свет. Во развиените економии, ВИ би можела да влијае на околу 60 проценти од работните места, според проценките на ММФ.

Приближно половина од работните места погодени од ВИ би можеле да имаат корист од зголемена продуктивност, но за другата половина, се вели, ВИ би можела да извршува клучни задачи што сега ги извршуваат луѓето, а тоа може да ја намали побарувачката за работна сила и да доведе до пониски плати и поголема невработеност. Во најекстремните случаи, поред наводите, некои работни места би можеле да исчезнат. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 2