Свет
Кремљ ја обвинува Велика Британија за вмешаност во украинскиот ракетен напад врз регионот Брјанск, во Русија
Кремљ денеска ги обвини британските експерти за вмешаност во смртоносниот украински напад врз рускиот град Брјанск во кој беа употребени британски ракети „Сторм Шедоу“ и наведе дека улогата на Велика Британија ќе биде „земена предвид“.
Гувернерот на регионот Брјанск рече дека во вчерашниот напад загинале најмалку шест цивили, а 37 се ранети во она што го нарече „терористички ракетен напад“, без да прецизира што е погодено.
Украина објави дека погодила клучна фабрика за производство на компоненти за ракети. Москва ја обвини дека намерно гаѓала цивили.
Запрашан дали ќе има воен одговор на употребата на британски ракети против суверена руска територија, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија ќе го земе предвид британското вклучување.
„Очигледно е дека лансирањето на овие ракети не беше можно без британски експерти“, изјави Песков. „Ние сме свесни за тоа, добро го знаеме и секако го земаме предвид“.
„За да се спречат понатамошни варварски дејствија на режимот во Киев, се спроведува специјална воена операција“, рече тој, додавајќи дека една од целите на операцијата е демилитаризација на Украина.
Досега нема коментар од Лондон, иако Русија постојано повторуваше дека на Украина ѝ се потребни западни експертизи, податоци за целите и сателитски снимки за лансирање напредни ракети длабоко на руска територија.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Киев нападнал една од најважните воени фабрики во Брјанск, која произведувала електроника за руски ракети.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека нападот бил однапред смислен и насочен против цивили и ги повика ОН да проценат што се случило
март 11, 2026

