Свет
Фон дер Лајен: Намалувањето на нуклеарната енергија беше стратешка грешка за Европа
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен претстави план за проширување на производството на нуклеарна енергија во Европската Унија, вклучително и воведување мали модуларни реактори (SMR), со цел обезбедување достапна и климатски прифатлива електрична енергија, јави ДПА.
План за нова европска стратегија
Говорејќи на вториот меѓународен самит за нуклеарна енергија во Булоњ-Бијанкур, во близина на Париз, Фон дер Лајен истакна дека во последните години се забележува глобално враќање на интересот за нуклеарната енергија.
– Во последните години гледаме глобална ренесанса на нуклеарната енергија и Европа сака да биде дел од неа – рече таа.
– Затоа денеска претставуваме нова европска стратегија за мали модуларни реактори – додаде фон дер Лајен.
Целта, според неа, е овие реактори да станат оперативни во Европската Унија до почетокот на 2030-тите години.
Флексибилен и безбеден енергетски систем
Малите модуларни реактори треба да имаат „клучна улога покрај традиционалните нуклеарни реактори во флексибилен, безбеден и ефикасен енергетски систем“.
SMR се реактори со моќност до 300 мегавати, додека повеќето класични нуклеарни централи произведуваат околу 1.000 мегавати. Нивните компоненти може сериски да се произведуваат во фабрики.
– За забрзување на развојот на овие мини нуклеарни централи, регулативите во ЕУ треба да бидат усогласени – изјави Фон дер Лајен.
– Логиката е многу јасна – кога нешто е безбедно за употреба, треба да биде едноставно да се применува низ цела Европа – рече таа.
Финансиска поддршка и политичка дебат
Европската комисија планира да ги поддржи инвестициите во оваа технологија со гаранција од 200 милиони евра.
На Самитот говореа и францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) Рафаел Гроси.
Франција, која е домаќин на Самитот, најголемиот дел од електричната енергија ја добива од нуклеарни централи.
Германија не е претставена на владино ниво, бидејќи ги затвори своите нуклеарни централи, но ќе продолжи да ги следи дискусиите, посочува германската агенција ДПА.
Фон дер Лајен изрази жалење поради намалувањето на уделот на нуклеарната енергија во некои земји на ЕУ.
– Во 1990 година една третина од електричната енергија во Европа доаѓаше од нуклеарни централи, а денес тој удел е околу 15 проценти – рече таа.
– Намалувањето на нуклеарната енергија беше избор. Но гледано од денешна перспектива, тоа беше стратешка грешка за Европа да се откаже од сигурен и достапен извор на енергија со ниски емисии – додаде Фон дер Лајен.
март 10, 2026

