Регион
Протест пред бугарската телевизија бТВ поради отпуштање на новинарка
Бугарските новинари и граѓани денеска протестираа пред канцелариите на приватната телевизија бТВ, која ја отпушти од работа истакнатата водителка Марија Цанцарева поради нејзин наводен политички активизам во емисиите и кршење на уредничките правила.
Бугарската агенција БТА известува дека новинарите и граѓаните се собрале за да „ја бранат слободата на говорот и правото на новинарите да поставуваат прашања, наместо само да следат упатства“.
Здружението на европски новинари – Бугарија (AEJ-Бугарија) изрази загриженост поради „отстранувањето на критичките гласови“ од бугарскиот национален етер и го најави протестот како „собир за кафе“, нагласувајќи дека протестот е професионален, а не политички.

На 22 декември, бТВ ја отпушти водителката на утринската програма, Цанцарова, наведувајќи ги како причини нејзината наводна политичка пристрасност во емисиите, обвинувања против својот претпоставен за уреднички притисок и продолжување на времетраењето на интервјуата со што го нарушила емитувањето на програмата.
Односите се влошиле кога Цанцарова, на денот на големите антивладини протести на 10 декември, ставила шолја пред неа со пораката „Време е за вистински промени“.
Најавата на телевизијата дека нема да попушти под надворешен притисок и дека е започнат процес на прекинување на соработката со Цанцарова беше причина за денешниот протест.
Европската федерација на новинари (ЕФЈ) ја осуди, како што наведе, цензурата и побара новинарката веднаш да биде вратена на работа и да се спроведе истрага за наводното политичко влијание врз бТВ.
Во соопштението на ЕФЈ се вели дека Цанцарова, „позната по своите остри прашања и истраги од висок профил“, била цел на напади од политичари во последните години и дека за време на пандемијата на Ковид-19, врз неа бил вршен притисок од органите на редот за да ги открие своите извори во истражувачка сторија.
„Отстранувањето на водечки независен новинар од програмата во услови на широко распространети социјални немири предизвикува сериозна загриженост за политичко мешање во бугарските медиуми. Бугарските граѓани имаат право на пристап до информации кои се слободни и независни од политички притисок“, изјави претседателката на ЕФЈ, Маја Север.
Цанцарова и нејзиниот колега Златимир Јочев, со кого е ко-водител на емисијата „Ова утро“, беа отпуштени во време на политичка нестабилност по големите граѓански протести што доведоа до пад на бугарската влада на 11 декември.
Според индексот на слободата на печатот на Репортери без граници, Бугарија оваа година падна од 59-то на 70-то место.
декември 23, 2025


