Регион
Босанскиот министер за одбрана не дал согласност за слетување на воениот авион со кој Сијарто требало да допатува во Бања Лука
Министерот за одбрана на Босна и Херцеговина Зукан Хелез, денеска соопшти дека одбил да даде согласност за слетување на воен авион на Унгарија на аеродромот во Бања Лука, во кој требало да биде министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто.
– Одбив да дадам согласност за слетување на воениот авион на Унгарија на аеродромот Бања Лука, со кој требаше да допатува унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, напиша Хелез на Фејсбук.
Тој додаде дека причините за ваквата негова одлука се унгарската поддршка за лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи (СНСД), Милорад Додик, но и отсуството на образложение зошто Сијарто сакал да допатува токму со воен авион.
– Со години наназад, унгарскиот премиер Виктор Орбан и министерот Сијарто даваат отворена поддршка на поранешниот претседател на административниот дел на БиХ, Република Српска, Милорад Додик, во неговите активности кои го поткопуваат суверенитетот, територијалниот интегритет и целината на БиХ, нагласи Хелез.
Тој додаде дека „унгарската страна не доставила никакво јасно објаснување зошто министерот за надворешни работи доаѓа токму со воен авион“.
Хелез истакна дека негова должност е да го „штити уставниот поредок, законите и интересите на Босна и Херцеговина“.
– Поради тоа донесов одлука да не го одобрам овој лет, сè додека не се обезбеди целосна транспарентност и почитување на нашата држава, заклучи тој.
Додик, кој денеска во Будимпешта, заедно со вршителот на должноста претседател на РС, Ана Тршиќ Бабиќ, и министерот за научно-технолошки развој и високо образование, Синиша Каран, се состана со унгарскиот премиер Виктор Орбан, најави дека Сијарто, кој неодамна беше прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот во Бања Лука, утре ќе ја посети Бања Лука.
ноември 27, 2025

