Connect with us

Регион

Четворица членови на српскиот РЕМ поднесоа оставки

Четири членови на српскиот Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), денеска поднесоа оставка бидејќи не се согласуваат да бидат избрани во процес што ја става политиката над законот.

Во заедничка изјава, Родољуб Шабиќ, Дубравка Валиќ Недељковиќ, Милева Малишиќ и Ира Проданов Краишник наведуваат дека процесот на избор на членови на Советот на РЕМ е „фундаментално бесмислен“ по одлуката на мнозинството во Собранието на Србија да не ги избере сите девет члена на тоа регулаторно тело.

„Со овој чин, владејачкото мнозинство нè доведе до свршен чин – во ситуација каде што се очекува да учествуваме во процес што е фундаментално бесмислен. Ова испрати порака дека институциите можат да се пополнуваат селективно, според потребите на партиите на власт, па дури и кога тоа е во согласност со законот и утврдената постапка“, наведоа тие во соопштението.

„Во сегашните околности, веруваме дека единствениот чесен и одговорен чекор е да поднесеме оставка, бидејќи не се согласуваме да бидеме избрани во процес што ја става политиката над законот. Сакаме да бидеме целосно јасни: ова не е откажување од борбата. Напротив, токму оваа ситуација покажува зошто борбата беше и останува неопходна“, изјавија тие.

Во средата, пратениците во српскиот парламент избраа осум од девет члена на РЕМ, за мандати од две, четири или шест години.

Парламентот не избра кандидат од националните совети на националните малцинства бидејќи на тоа се спротивстави Сојузот на војводинските Унгарци, дел од владејачката коалиција, кои тврдат дека предложените кандидати не ја одразуваат вистинската волја на тие совети.

Србија беше без Советот на РЕМ веќе една година, откако мандатот на претходниот состав истече на 4 ноември 2024 година, по усвојувањето на измените на Законот за електронски медиуми. 

Изборот на членови на Советот на РEM е една од точките во рамките на потребните реформи што Србија треба да ги спроведе како дел од преговорите за членство во ЕУ.

Надлежност на тоа тело е да регулира, контролира и санкционира електронски медиуми – телевизиски и радио станици кои имаат национална покриеност и нивните онлајн изданија.

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 1