Култура
„Варвари“ на Горки првпат на македонската театарска сцена, утревечер премиерно во МНТ во режија на Милчин
Култната драма на Максим Горки, претставата „Варвари“ утревечер премиерно ќе биде изведена во Македонскиот народен театар. Режисер на претставата е Владимир Милчин.
Директорот на МНТ, Никола Кимовски дека на прес-конференција рече дека во годината кога Македонски народен театар одбележува 80 години од постоењето горд е што првпат во историјата на македонскиот театар делото „Варвари“ ќе оживее токму на оваа сцена и е благодарен што професорот Владимир Милчин го ставил својот режисерски печат токму на оваа претстава.
Текстот иако е напишан пред повеќе од еден век, посочи тој, отвора можност за современо читање на Горки, претстава која не е само историски приказ туку огледало во кое се препознаваме и денес. „Варвари“ е драма за судирот меѓу две епохи, традиционалниот, затворен начин на живот во едно провинциско градче и новите сили на прогресот.
– „Варвари“ не е само приказна за цивилизациски пресврт, тоа е драма за луѓето за нивните страсти, заблуди и копнежи. Горки ја истражува тенката линија меѓу љубовта и себичноста, меѓу напредокот и духовната празнина, меѓу моралот и корупцијата. „Варвари“ е повеќе од претстава, потсетник дека напредокот нема смисла без човечност, дека технологијата и амбицијата не смеат да ја прегазат душата. На сцената ќе застанат 23 актери, наши ѕвезди, повеќето поранешни студенти на професорот Милчин, што му додава на проектот емотивна и уметничка тежина, додаде Кимовски.
Режисерот Милчин рече дека ова е негова последна претстава во МНТ. Оваа драма, појасни, не е одиграна ниту на руски јазик во земјата во која авторот живеел пред да мора да се пресели во Италија за да преживее, за да не биде убиен.
– Таа не е умрена драма, таа се уште има нешто да ни каже за тоа дека е неопходна солидарност меѓу луѓето за да можат полесно да преживеат кога ќе се најдат под каков и да е притисок, дека молчењето не е злато итн. Подолг беше процесот на работата на претставата. Речиси сите 23 актери играат во претставата. Тоа на некој начин не враќа и на некој вид театар кој не треба да биде заборавен, театарот кој влијае не само кога е камерен, влијае и кога е масовен, што е потешко. Потешко е кога имате 23 актери кои имаат свои обврски. Во тетарот тоа подразбира еден вид меѓусебно разбирање, што ни помогна да ја направиме оваа претстава со сите нејзини компоненти, истакна Милчин.
Додаде дека актуелноста на драмата „Варвари“ треба да не потсети дека не живееме во совршен свет и дека овој свет во кој живееме треба да се поправа, а за тоа тетарот треба да ја одигра својата општествена улога.
Актерот Тони Михајловски, кој ја игра улогата на младиот инженер Черкун, Јегор Петрович, рече дека варварството не престанало никогаш и ден денеска постои меѓу нас, во нас, кој како ќе го исконтролира, ќе го едуцира и испорача надвор.
Посочи дека Черкун е селанец кој успеал да заврши школо во тоа време, во 1905 година и се етаблирал во високото друштво, но секогаш го задржал тоа непосредното, рурално во себе кое директно ги кажува работите, нормално обландирано со образованието кое во текот на годините го стекнал.
– Многу непосреден лик. Мене ми наметна тој лик една дилема во една реченица вели дека знаењето е поважно од моралот. Мислам дека тоа не е точно колку и тоа Горки да го напишал слатко. За мене моралот се уште е поважен од знаењето, а заради тоа што знаењето го туркавме пред моралот стигнавме до тука, каде што сме стигнати денеска. Што ќе рече дали е поважно да сретнете човек со дипломи огромни како планина, а со нула морал и етика или да сретнете човек без еден ден образование, но со морал и етика големи како планина. Таа дилема ми ја наметна ликот во овие девет месеци работа. „Варвари“ е многу забавна претстава и во неа ќе препознаеме дека малку сме се промениле, само сме се замаскирале во 21 век, додаде Михајловски.
Актерот Никола Ристановски, кој го игра ликот на постариот инженер Циганов, Сергеј Николаевич, рече дека во претставата играат голем број женски ликови, актерки, некои после подолго време се појавуваат, некои од нив можеби првпат се појавуваат во МНТ.
Актерката Звездана Ангеловска рече дека ја игра богатата голепоседничка Богаевска, Татјана Николаевна која има вкука и е претставник на повисокиот слој, која е зрела жена, односно старица во години, но се отвора прашањето и што мене лично ми го остави прашањето дали зрелоста и годините ја носат комплетната мудрост, незнаеме.
– Има тука многу слабости. Значи колку има силни страни и мани, па дали моќта ни дава за право да ја имаме контролата итн. Тука има повеќе женски ликови кои се комплексни во ова дело. Кога бевме покрај палката на професорот баш ни беше една одлична лекција бидејќи живееме во време кога брзо се подготвуваат претставите, продукциите, едно такво забрзано време и сметам дека заслужуваме целата екипа респект, додаде Ангеловска.
Во претставаат играат и Габриела Петрушевска, Софиа Насевска-Трифуновска, Владо Јовановски, Григор Јовановски, Ана Стојановска, Оливер Митковски, Тања Кочовска, Александар Микиќ, Верица Недеска, Сашко Коцев, Гораст Цветковски, Јордан Симонов, Сашка Димитровска, Емил Рубен, Александар Ѓорѓиески, Дамјан Цветановски, Ивица Димитријевиќ, Александар Михајловски, Јана Вељановска и Стефан Спасов.
Сценограф е Беди Ибрахим, а костимограф е Марија Пупучевска.
ноември 13, 2025

