Connect with us

Култура

Изложба на дела од 35-тата и 36. Ликовна колонија „Галичник“

Во Националната галерија – Мултимедијален центар Мала станица вечер ќе биде отворена изложбата на делата создадени во рамките на 35-тото и 36. издание на меѓународната Ликовна колонија „Галичник“. Биеналниот проект е насловен „Колективна културна меморија: Постмеморија“ и е кураторски концепт на Ана Франговска, претседателка на колонијата. Соработник на биеналната изложба со елабориран есеј е Натали Рајчиновска Павлеска.

Како што се наведува во најавата, Колонијата „Галичник“, со речиси четири децениска традиција, претставува уникатен модел што ги поврзува современата уметност, традицијата и локалното наследство. Преку темите „Колективна култура на сеќавање“ и „Постмеморија – Ехо на тишината“, уметниците од Македонија и од странство истражуваат како личните и колективните мемории, трауми и премолчени приказни продолжуваат да живеат низ уметничките практики.

На изложбата ќе бидат претставени дела од над дваесет уметници од Македонија, Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија и САД, реализирани во различни медиуми – слика, видео, објект, фотографија, текст и инсталација. Автори: Елиа Калогјани, Стефан Корнацки, Лучезар Бојаџиев, Кристине Ледерер, Дарко Алексовски, Ана В’чкова, Красимир Терзиев, Марија Анвандер, Клара Вит, Калина Димитрова, Иванчо Талевски, Марина Касианиду, Софија Димова, Никола Радосављевиќ, Дејан Крстиќ, Ивана Хостник, Клелија Живковиќ, Ренеа Беголи, Ил Џафери, Лука Судант и Данаи Белосиноф.

-Со овој проект, колонијата „Галичник“ уште еднаш ја потврдува својата улога како лабораторија на културна меморија, критичко мислење и меѓународна соработка, создавајќи дијалог меѓу минатото и сегашноста, тишината и гласот, личното и колективното, велат организаторите на изложбата и уаптуваат посебна благодарност до Министерството за култура и туризам за довербата и поддршката, како и до долгогодишниот институционален соработник – Националната галерија на Македонија, до дипломатските претставништва и странските културни центри во Скопје, особено Амбасадата на Австрија и Бугарскиот културен центар. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2