Култура
Наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2025 за Љубомир Цуцуловски
Добитник на наградата „Константин Философ“ за животно дело за 2025 година е проф. д-р Љубомир Цуцуловски.
Како што информира Филозофското друштво на Македонија, едногласната одлука за добитникот ја донесе Комисијата за доделување на наградите, во состав: академик Витомир Митевски (претседател), проф. д-р Иван Џепароски и проф. д-р Анета Маркоска Чубриновска (членови).
Во 2023 година Филозофското друштво на Македонија ги востанови наградите „Константин Философ“ во три три категории: за животно дело, за филозофска книга на годината и за млад филозофски истражувач. Конкурсот годинава беше распишан на 1 април 2025 година., а пријавувањето траеше до 1 октомври.
Во образложението Комисијата ги акцентира трите есенцијални белези за оваа награда истакнати во Конкурсот: вкупниот опус на филозофот во филозофското творештво, филозофското образование и афирмација на филозофијата во земјата и во странство.
Комисијата истакнува: „…Анализата на обемниот и разновиден опус на проф. д-р Љубомир Цуцуловски, како и на дострелите на неговата повеќедецениска педагошка дејност, сведочи за тоа дека како една од најзначајните одлики на неговиот филозофски профил може да се посочи тесната поврзаност на теоријата и практиката. Ова не се однесува единствено на врската меѓу теориската и практичката филозофија во сферата на неговите филозофски интересирања, туку и на врската меѓу теориското проучување на филозофијата и примената на нејзините методи и алатки како средства за прониклива и бескомпромисна анализа и евалуација на реалните општествени феномени“.
Љубомир Цуцуловски (1948) припаѓа на, условно кажано, втората генерација македонски филозофи. Магистерската теза ја брани на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје (1983), додека докторската дисертација на Филозофскиот факултет во Скопје (1992). Од 1975 година па сè до заминувањето во пензија (2013) професионалниот ангажман го врзува со Катедрата/Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, каде ги предава предметите: Увод во марксизмот, Марксистичка филозофија, Историја на марксизмот, Увод во филозофијата, Филозофија на религијата и Филозофија – општ курс.
Автор е на шест книги, како и на обемен предговор кон македонскиот превод на делото на Маркс и Енгелс „Манифест на комунистичката партија“. Библиографијата на проф. д-р Љубомир Цуцуловски опфаќа и над шестотини (600) стручни и публицистички текстови во повеќе стручни списанија, како и во дневниот печат. Професорот Цуцуловски е раководител на Институт за филозофија во два мандата (1999–2005), како и претседател на Универзитетскиот сенат на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје (2000–2004).
Наградата ќе биде врачена на 22. одбележување на Светскиот ден на филозофијата, на 20 ноември, во Свечената сала на Филозофскиот факултет.
ноември 10, 2025

