Култура
Кумановскиот актер Марко Трајковиќ со награда за најдобра машка улога на фестивалот „ИФАД Стоби 2025“
Актерот на кумановскиот театар, Марко Трајковиќ, ја доби наградата за најдобра машка улога на Интернационалниот фестивал на античка драма, ИФАД „Стоби“ 2025, информираа денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.
Жирито на фестивалот, Јордан Витанов, Кристина Атанасова Арсова и Фаик Мефаилоски, донеле едногласна одлука годинешнава награда за најдобра машка улога, да му припадне на Трајковиќ кој ја толкува сложената фигура на Калигула со извонредна психолошка длабочина и интензитет. Неговиот настап ја открива тенката линија меѓу лудилото и апсолутната моќ, претворајќи ја класичната драма во живо, современо размислување за човековата природа и општествените механизми на контрола.
– Наградата е поттик не само лично за мене, туку за целата екипа на театар Куманово. Со вакви успеси како екипа докажуваме колку ги одржуваме претставите, иако објектот на театарот се реконструира. Калигула досега, лично ми е најголем предизвик, многу труд вложив и за среќа публиката го препознава тој ангажман, изјави Трајковиќ
Во Куманово, претставата досега е изведена осум пати и секогаш ја воодушевува публиката. Актерот очекува „Калигула“ да стане препознатлива и на европско ниво.
– Имаме продукт со кој можеме само да се гордееме како театар и актери, нагласи Трајковиќ.
Од Театар Куманово велат дека Фестивалот „ИФАД Стоби“ уште еднаш покажал дека античката драма е бескрајно актуелна и дека новите генерации театарски творци знаат како да ѝ дадат свеж, силен и човечки глас.
ноември 7, 2025

