Технологија
Протекоа слики од новиот „Рено твинго“
Фотографии од сосема новиот „Рено твинго“ (Renault Twingo) од четвртата генерација, се појавија на интернет пред неговото официјално претставување на 6 ноември.
Овој нов, најприфатлив електричен модел во понудата на „Рено“, со цена под 19.600 евра, ќе се појави на пазарот во 2026 година како директен конкурент на „Фолксваген ИД.1“ (Volkswagen ID.1). Имено, „Твинго“ ќе се најде под „Рено 5“ и „4“ во гамата на мали електрични возила, а е развиен за помалку од две години. Сликите објавени на социјалните мрежи потврдуваат дека „Твинго“ од четврта генерација ќе му остане верен на веселиот и неконвенционален облик на концептниот модел првпат прикажан во 2023 година.
Сепак, одредени детали се поедноставени за производство, како што се класичните рачки на вратите што ги заменуваат интегрираните рачки инспирирани од првата генерација. Возилото има и малку поголемо издигнување од земјата во споредба со ниско поставениот концепт. И внатрешноста е малку поинаква од онаа на „Рено 5“ и „4“, коишто комбинираат дигитални инструменти и инфозабава на едно место.
Кај „Твинго“, распоредот е покласичен – со посебен централен екран (најверојатно 7-инчен дисплеј позајмен од „Дачија“) и физички контроли на климата, објави „Аутокар“ (Autocar).
„Рено“ претходно ја опиша кабината како „воздушеста, цилиндрична и лебдечка“ и „дизајнирана да го олесни секојдневниот живот“. Иако техничките детали за погонскиот склоп сè уште не се објавени, се очекува „Твинго“ да користи сличен електричен систем како поголемиот „Рено 5“, заснован на платформата „Ампр смол“ (Ampr Small).
ноември 6, 2025

