Свет
Песков: Тестовите на ракетата „Буревестник“ нема да ги затегнат односите меѓу Русија и САД
Тестовите на ракетата „Буревестник“ во никој случај нема негативно да влијаат врз односите меѓу Москва и Вашингтон, бидејќи тие веќе се на минимум, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на денешниот брифинг.
„Досега има само срамежливи обиди овие односи да се извлечат“ од нивната сегашна состојба, додаде Песков.
Генералштабот на руските вооружени сили го извести рускиот претседател Владимир Путин дека тестовите на нуклеарната ракета „Буревестник“ се завршени. Оружјето има висок степен на автономија и може да лета ниско на долги растојанија, што ја намалува неговата ранливост кон системите за воздушна одбрана.
Како одговор на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Путин треба да ја заврши војната во Украина, а не да тестира нови ракети, Кремљ изјави дека Русија дејствува во согласност со своите национални интереси.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, изјави дека Русија однапред ги известила САД за тестовите на „Буревестник“.
октомври 28, 2025

