Политика
Филипче ќе прави „метла“ во партиските редови по изборите, не планира и тој да се повлече
Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска најави кадровски промени во раководството на партијата по завршувањето на локалните избори. Тоа, како што рече, се должи на резултатот на изборите во првиот круг особено во некои скопски општини.
-За мене во изминатата година и пол после таков тежок пораз лани, после интензивна работа, сега овие избори се показател за тоа како да се поставиме и како да функционираме во следниот период, затоа што очигледно е дека потребно посебно во тие општини каде што не го постигнавме посакуваниот резултат да продолжиме со интензивна работа. Во тој контекст најавувам политички-кадровски промени во раководството после изборите за што ќе бидете известени, рече Филипче одговарајчи на новинарски прашања.
Филипче кажа и дека се соочувале со притисоци пред гласањето, во општините каде што имаат нивни кандидати за градоначалници, како што рече, во вид на финансиски контроли, преку центри за социјална работа, нудење пари за гласови и за сето тоа ги известиле надлежните институции и оти поради тоа работеле во тешки околности.
Тој на новинарско прашање за резултатите од изборите, даде анализа на резултатите и промените што ќе следуваат по изборите.
-Лани ја затекнав партијата во навистина тешка и лоша состојба, имено после еден пораз со разлика од 300.000 гласови. И во текот на изминатата година и пол интензивно работев во сите општински организации, со илјадници наши членови – директни контакти, средби и состаноци, изјави Филипче.
Тој посочи дека има добар дел општини каде што веќе се избрани градоначалници од СДСМ, како и дополнителни 16–17 општини каде партијата влегува во втор круг. Таму, како што нагласи, е постигнато значајно зголемување на бројот на гласови во однос на ланските избори.
-Тоа се општински организации во кои бројот на гласови, кога ги споредуваме со ланските избори, е значајно зголемен некаде 40-50 проценти, а некаде гласовите се дури и дуплирани, што значи дека работата дала ефект. Од друга страна, има општини каде што тоа не се случи – тука мислам на скопските општини, рече Филипче.
Филипче рече дека овие избори се добар показател за тоа како треба да се работи во иднина и какви промени треба да се направат.
Лидерот на СДСМ од Аеродром ги повика жителите на таа општина во вториот круг да гласаат за нивниот кандидат за градоначалник Александар Трајановски.
октомври 27, 2025

