Connect with us

Свет

Деветнаесет европски лидери побараа поедноставување на административните процедури на ЕУ

Многумина во Европа имаат проблеми кога се справуваат со правилата и законите на ЕУ, кои забавуваат наместо да водат и го блокираат патот наместо да овозможат слобода и можности, па затоа од клучна важност е поедноставувањето на административните процедури, се наведува во заедничко писмо на 19 шефови на држави или влади на членки на ЕУ упатено до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.  

– Сега се потребни три чекори: преглед, намалување, ограничување. Апелираме за систематски преглед на сите регулативи на ЕУ за да се идентификуваат правилата што се излишни, прекумерни или неурамнотежени и мора да го испитаме целото законодавство на правилата на ЕУ за да утврдиме дали тие се уште се соодветни за нивната намена, се наведува во писмото на лидерите до Кошта, испратено во пресрет на утрешниот Самит на ЕУ. 

Лидерите посочуваат дека сакаат да ги зачуваат слободата, безбедноста и просперитетот на Европската Унија, а за да се направи тоа мора да се промени нејзиниот курс и тоа не само малку, туку суштински.  

– Ако не го промениме курсот, Европа ќе ја изгуби конкурентноста во споредба со другите економски региони во светот. Живееме во свет на превирања и нови неизвесности, каде што геополитиката и геоекономијата се повеќе се испреплетени. Во овој свет, одржувањето на нашата конкурентност е основа на нашиот суверенитет, се додава во писмото. 

Покрај преиспитување на постојните законодавни акти на ЕУ, лидерите бараат „самоограничување“ на новото законодавство, затоа што Европа „мора да се ограничи на минимум нова регулатива во целосна согласност со принципите на супсидијарност и пропорционалност“. 

– До крајот на годината, Европската комисија треба систематски да ја разгледа регулаторната рамка на ЕУ и да поднесе предлог за тоа како застарените и прекумерните правила можат да се укинат и кои постојни или планирани правила можат целосно да се отстранат, се наведува во писмото. 

Во него натаму се нагласува дека намалувањето на бирократијата е прашање од најголем приоритет и итност, а во исто време потребно е забрзување на темпото на усвојување на сите законски акти што придонесуваат за поедноставување и конкурентност. 

Лидерите повикуваат и на заокружување на Единствен европски пазар, вклучително и за услугите, енергијата, телекомуникациите, финансиски услугите, заштедите и инвестициите, при што истовремено треба да се поттикне и потенцијалот за негова дигитализација. 

– Повикуваме на посебен состанок на Европскиот совет за конкурентност во февруари 2026 година за да се разгледа сработеното и да се дадат политички насоки за сите фронтови на конкурентноста: намалување на бирократијата, комплетирање на Единствениот пазар во сите негови димензии, зајакнување на европските иновации и индустрија, обезбедување економска безбедност и еднакви услови за игра, создавање на Унијата на пазари на капитал, се додава во писмото. 

Документот е потпишан од претседателите на Кипар, Никос Христодулидес, на Литванија, Гитанас Науседа, и на Франција, Емануел Макрон, канцеларите на Австрија, Кристијан Штокер и на Германија, Фридрих Мерц, премиерите на Белгија, Барт де Вевер, на Бугарија, Росен Жељазков, на Грција, Кирјакос Мицотакис, на Естонија, Кристен Михал, на Италија, Џорџа Мелони, на Летонија, Евика Силина, на Луксембург, Лук Фриден, на Полска, Доналд Туск, на Португалија, Луиш Монтенегро, на Финска, Петери Орпо, на Холандија, Дик Схоуф, на Хрватска, Андреј Пленковиќ, на Чешка, Петр Фиала и на Шведска, Улф Кристершон. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 2
Ad 2