Connect with us

Свет

Бразил одобри дупчење на нафта во близина на устието на реката Амазон

Бразилската агенција за животна средина Ибама одобри контроверзен проект за истражувачко дупчење на нафта во близина на устието на реката Амазон, непосредно пред глобалната конференција за климата што треба да се одржи во земјата.

Државната енергетска компанија Петробрас доби лиценца за спроведување тест дупчење за потенцијални резерви на нафта во морето во Атлантскиот Океан, соопшти вчера Ибама.

Министерот за енергетика Александар Силвеира ја опиша областа како централна за „иднината на нашиот енергетски суверенитет“ на „X“.

Петробрас соопшти дека истражувачкото дупчење треба да започне веднаш и се очекува да трае околу пет месеци.

Пред повеќе од две години, Ибама отфрли слична апликација од компанијата. Петробрас последователно го ревидираше својот план за безбедност за да го намали ризикот од штети врз животната средина.

Групите за заштита на природата предупредија за потенцијалните негативни последици од дупчењето во длабоководно подрачје.

-Бразил штотуку направи опасен чекор во погрешна насока во услови на климатска криза, соопшти еколошката организација Гринпис во соопштение.

„Дури и по три предупредувања од канцеларијата на федералниот обвинител за ризици и нерегуларности, агенцијата за животна средина Ибама ѝ даде дозвола на Петробрас да врши дупчење за нафта во делтата на Амазон“, област која се смета за еден од најбиодиверзитетните и еколошки најчувствителните региони на Земјата, соопшти групата.