Connect with us

Свет

Австралија ја обвини Кина за опасно и непрофесионално однесување

Австралија денеска ја предупреди Кина за опасно воено однесување и ја обвини кинеската армија дека истрелала ракети во близина на австралиски авион, што летал над Јужно Кинеско Море.

Австралискиот авион „Посејдон“ вчера ја контролирал областа над Јужно Кинеско Море кога му се приближил кинески авион кој истрелал ракети односно сигнални ракети, во негова непосредна близина, загрозувајќи го екипажот, се наведува во соопштението на австралиското Министерство за одбрана.

Поради инцидентот, Канбера упати дипломатски протест до Кина.

– Откако многу внимателно го разгледавме инцидентот, го оценуваме како опасен и непрофесионален, изјави австралискиот министер за одбрана Ричард Марлс.

Инцидентите помеѓу Кина и Австралија во Јужно Кинеско Море се се почести. Кина тврди дека поседува голем дел од островите и гребените во Јужно Кинеско Море, и покрај меѓународната пресуда од 2016 година дека нема законска основа за тоа.