Connect with us

Свет

Родриго Паз победи во вториот круг од претседателските избори во Боливија

Сенаторот Родриго Паз Переира победи во вториот круг од претседателските избори одржани вчера во Боливија, покажуваат прелиминарните резултати.

Кандидатот на центристичката Христијанско-демократска партија освои околу 55 отсто од гласовите по пребројувањето на речиси сите ливчиња, што изборната власт го опиша како „неотповиклива предност“.

Неговата победа става крај на речиси две децении левичарски влади во земјата, во која долго време доминира борбата за моќ меѓу поранешниот претседател Ево Моралес и досегашниот шеф на државата Луис Арсе од левичарското Движење за социјализам (МАС).

– Боливија денес може да биде сигурна дека ова ќе биде влада која испорачува решенија. Боливија постепено ќе ја врати својата меѓународна улога, рече Паз во својот победнички говор пред поддржувачите во градот Ла Паз.

Противникот на Паз во вториот круг, поранешниот претседател Хорхе Кирога од десничарската алијанса Libre – Слобода и Демократија, му честиташе на 58-годишниот економист, но рече дека ќе ги почека официјалните резултати.

Новиот претседател во ноември треба да го почне петгодишниот мандат.