Connect with us

Политика

Филипче: Вашата сила е во гласањето, покажете ја в недела

„Вашата сила е во гласањето! Ве повикувам да ја покажете таа ваша сила во недела! Со масовно излегување на гласачките места. Со вашиот глас да пратите силна порака затоа што на Македонија ѝ се потребни промени“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на митингот во Крива Паланка.

Пред граѓаните на полниот плоштад, Филипче се заблагодари за масовната поддршка и јасно порача дека Македонија стои пред избор, дали ќе дозволи нашиот дом власта да продолжи да го руши цигла по цигла, или народот ќе се обедини за да го зачува.

„Ова не се обични локални избори. Во недела одлучуваме дали ќе ја вратиме правдата, достоинството и чесноста во нашата земја. Одлучуваме за иднината на секое семејство, за сигурна иднина на младите, за држава во која трудот се цени, а не партиската книшка“, истакна Филипче.

Тој потенцираше дека СДСМ е партијата која секогаш ја водела Македонија напред, со конкретни политики и дела, а не со лаги и манипулации.

Од Крива Паланка, Филипче упати силен повик за единство и активност:

„Време е да се исправиме, да ја покажеме нашата сила, да ја вратиме надежта и да ја вратиме државата во рацете на народот. Во недела, секој глас е важен. Се враќа силата на народот – се враќа СДСМ!“ рече Филипче.

Тој рече дека во Крива Паланка СДСМ пак ќе победи нивниот градоначалник Сашко Митовски и тоа уште во првиот круг, Филипче истакна дека Крива Паланка е една од најубавите општини во државата и тоа благодарение на посветената работа на градоначалникот на СДСМ и неговиот тим.

„За резултатот на Сашко во Крива Паланка јас вечерва нема зборувам. Вие тоа го знаете многу добро, се гледа на секоја страна во Крива Паланка, каде и да се заврти човек, делата зборуваат гласно. Овде се работело, а граѓаните тоа го гледат, го живеат секој ден. Затоа, нашата борба за Крива Паланка ќе продолжи со нов мандат, со победа на СДСМ и коалицијата и на советничките листи“, рече Филипче.

Тој нагласи дека Мицкоски ма апсолутна власт, централна, локална, дека се е под контрола негова, а покажува историска неодговорност.

„Оваа Влада е историски најлоша влада од независната до денеска и тоа се виде само за една и пол година. Влада без ниту едно реализирано ветување, без план, без резултат. Влада на порази и понижувања,“ истакна Филипче на вечерашниот митинг во Крива Паланка.

Филипче остро ја критикуваше политиката на премиерот, потсетувајќи дека сите негови големи ветувања останале само празни зборови во ушите на граѓаните.

„Каде е „нова иднина“ што ја ветуваше Мицкоски пред четири години или пред година ипол? Каде се поголемите плати, економскиот тигар, каде е редот, правдата? Ништо нема од неговите ветувања. Каде се подобрите позиции, новата преговарачка рамка, гордоста, достоинството? Дали историски највисоките цени се „новата иднина“? Или најниската минимална плата, пониска дури и од соседна Албанија, е „новата иднина“? Дали инфлацијата, сиромаштијата и задолжувањата до седмо колено се „новата иднина“? Дали најниските капитални инвестиции и запрените странски инвестиции се новата иднина? Или уништеното земјоделство со родот кој скапува по нивните се иднината што ја ветуваше? Дали заглавениот европски пат е новата иднина? Не почитувани. Со Мицкоски немаме иднина!“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ исто така истакна дека Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја киднапирале кампањата, сеејќи поделби, напаѓајќи го СДСМ и оцрнувајќи го претседателот на партијата Венко Филипче затоа што немаат ниту еден резултат зад себе.

„Нема ниту еден резултат да излезе пред граѓаните и да го соопшти. И нема поголемо признание за катастрофалните политики на оваа Власт од неговото однесување за време на оваа кампања“, порача Филипче.

Притоа тој рече дека Македонија има потреба од промени, стабилност и вистинска визија за иднината и тоа е барање на граѓаните.

„На Македонија ѝ се потребни промени. На Македонија ѝ треба правда, ред, почит и сигурна иднина. На македонските работници им се потребни достоинствени плати за нормален живот, на младите нова шанса, на пензионерите мирна старост, а на земјоделците фер откуп и ценење на нивниот труд,“ порача Филипче.