Технологија
„ТП-Линк“ успешно тестира ран прототип на „Ви-фи 8“ хардвер

Кинеската технолошка компанија со седиште во Шенжен, „ТП-Линк“ презема чекори кон следната генерација безжична поврзаност. Имено, оттаму објавија дека успешно е тестиран ран прототип на „Ви-фи 8“ хардвер, нарекувајќи го „клучна пресвртница“ во развојот на оваа технологија.
Иако тестот е строго доверлив, „ТП-Линк“ соопшти дека е потврдена функционалноста на пренос на податоци и сигнали на „Ви-фи 8“ – што ја докажува одржливоста на технологијата за идните потрошувачки производи. Прототипот е развиен преку „заедничко индустриско партнерство“, а компанијата очекува потрошувачките уреди да бидат достапни пред официјалното усвојување на стандардот, што американскиот Институт за електротехничко и електронско инженерство предвидува дека ќе се случи во 2028 година, пишува „Верџ“ (The Verge).
Во блог-објава на „Квалком“ (Qualcomm) од јули, се вели оти целта на „Ви-фи 8“ стандардот е одржување на уредите поврзани со мрежата, наместо насоченост исклучиво на зголемување на брзината.
Како и неговиот претходник, „Ви-фи 8“ користи опсег од 2,4 гигахерци, 5 ГХз и 6 ГХз, со теоретска максимална ширина на каналот од 320 мегахерци и максимална брзина на пренос од 23 гигабити во секунда, но има за цел да ги подобри перформансите во реалниот свет и сигурноста на врската. Тоа, се вели, може да обезбеди подобра интернет-врска во средини со послаб сигнал или во услови на големо оптоварување на мрежата, каде што сè поголем број уреди ја делат истата врска. „Ви-фи 8“, теоретски, би можел и да поддржува повеќе уреди истовремено и да го намали заостанувањето кога корисникот е подалеку од рутерот или се движи низ куќата.
Сѐ ова треба да им обезбеди на корисниците подобро искуство во игрите и стрим-преносот, на пр., или да спречи прекини и појава на „роботски гласови“ за време на видеоповик.
октомври 16, 2025