Connect with us

Свет

Полскиот министер за надворешни работи предупреди дека Европа мора да биде подготвена за руски напади

 Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски денеска предупреди дека Европа мора да биде подготвена за можноста Русија да изврши напади длабоко во нејзината внатрешност, оценувајќи дека е „неодговорно“ да не се градат одбранбени системи, вклучително и таканаречениот „ѕид од дронови“ на источното крило.

За време на посетата на Лондон, каде што го претстави иранскиот дрон од типот „Шахед-136“ соборен над Украина, Шикорски ги повика европските земји да останат цврсти во поддршката за Киев.

Тој изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе овозможи испорака на ракети со долг дострел „Томахавк“ за Украина, со цел да се засилат нападите врз руската инфраструктура.

Шикорски истакна дека е од клучно значење на Украина да ѝ се обезбеди дополнителна воена помош, вклучувајќи противвоздушни системи, како и оружје со краток и среден дострел, за да се заштити европската територија. Тој предупреди на сè почестите навлегувања на дронови над Полска, како и прелети на руски ловци над Естонија. Дополнително посочи дека сè уште не е познато дали дроновите забележани над Копенхаген се поврзани со Русија.

Рускиот претседател Владимир Путин ги оцени како „бесмислици“ тврдењата дека Русија би можела да нападне некоја членка на НАТО. Сепак, Шикорски, долгогодишен и остар критичар на Кремљ, ги повика европските земји да планираат поддршка за Украина во наредните три години, период за кој, според него, и самата Украина подготвува воени планови.

– Украинците се подготвуваат за војна што би можела да трае три години, и тоа е мудро. Нашата задача е да го убедиме Путин дека сме подготвени да издржиме барем толку, нагласи Шикорски.