Свет
Успешен 11. пробен лет на „Старшип“ на „Спејс-Икс“

„Старшип“ на „Спејс-Икс“, најголемиот некогаш изграден ракетен систем, го заврши својот 11. пробен лет, во голема мера како што беше предвидено, соопшти синоќа приватната вселенска компанија.
Ракетата полета од местото за лансирање на компанијата во американската сојузна држава Тексас, накратко влезе во Вселената и се распрсна во Индискиот Океан околу еден час подоцна. Долната фаза на леталото слета во морето како што беше планирано, а распоредувањето на сателитите беше симулирано за време на летот. „Спејс-Икс“, предводен од технолошкиот милијардер Илон Маск, ја опиша мисијата како „возбудлив пробен лет“, додавајќи дека ќе се користи и подобрена верзија на „Старшип“ за следниот пробен лет.
Ракетата „Старшип“, повисока од Статуата на слободата во Њујорк, се состои од два дела што се одвојуваат по лансирањето: Тоа се приближно 70-метарскиот „супертежок бустер“ и 50-метарската горна фаза. И двата дела се направени да бидат повторно употребливи по враќањето на Земјата.
Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација – НАСА планира да го користи „Старшип“ за превозот на астронаути на Месечината, додека „Спејс-Икс“ предвидува и евентуални мисии на Марс. „Старшип“ првпат беше тестиран во април 2023 година, но тој лет заврши со експлозија неколку минути по лансирањето. Последователните пробни летови овозможија горната фаза да стигне до Вселената и да слета на контролиран начин во Индискиот Океан, иако неколку претходни летови не ги исполнија очекувањата.
октомври 14, 2025