Connect with us

Свет

Нетанјаху: Ова е ден што ќе биде запишан во историјата

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска одржа говор во Кнесетот, пред на пратениците да им се обрати и американскиот претседател Доналд Трамп.

Нетанјаху рече дека „ова е ден што ќе биде запишан во историјата“, и Трамп ќе биде „запишан во историјата на нашиот народ и на светот“.

– Колку долго го чекавме овој момент, и сакам лично да ти се заблагодарам во име на целиот народ, му рече Нетанјаху на Трамп.

Израелскиот премиер потоа им се заблагодари на САД за поддршката што му ја даваат на Израел низ годините, како и за, како што рече, „смелите одлуки“ донесени за време на 12-дневниот конфликт со Иран претходно ова лето.

САД во јуни нападнаа три од иранските нуклеарни локации.

– Доналд Трамп е најголемиот пријател што државата Израел некогаш го имала во Белата куќа, рече Нетанјаху, по што во салата се слушнале извици „Трамп“.

Нетанјаху го опиша мировниот предлог на Трамп како „клучен чекор“ кон мирот, додавајќи: „Јас сум посветен на овој мир, ти си посветен на овој мир, и заедно ќе го постигнеме овој мир.“

– Денеска, еврејскиот календар го означува крајот на две години војна, продолжи тој и им оддаде почит на загинатите израелски војници – спомнувајќи по име некои од оние што биле убиени или повредени.

– Благодарение на овие херои, нашиот народ ќе преживее … ќе напредува … и ќе има мир, рече израелскиот премиер.

Нетанјаху изјави дека верува оти лидерството на Трамп ќе му помогне на Израел да ги нормализира односите со повеќе арапски држави, при што нагласи дека Израел ќе остане „буден“ пред идните закани.

Тој го поздрави Трамп, припишувајќи му заслуги за краткиот договор за прекин на огнот постигнат во јануари, кој доведе до ослободување на некои заложници.