Свет
Путин воведе мораториум на субвенциите за гориво за нафтените компании

Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ со кој воведува мораториум на државните субвенции за произведените горива на руските нафтени компании, во период од 1 октомври оваа година до 1 мај 2026 година.
Како што пренесува ТАСС, со указот се суспендира примената на механизмот за ценовно отстапување при исплатата на компензациите за бензин АИ-92 и за дизел во наведениот период.
Во истиот рок нема да се плаќа акциза за дизел гориво добиено со мешање со керозин и други компоненти од компании што не се рафинерии, наведува агенцијата.
Државните субвенции служат како буџетски механизам за компензација на нафтените компании за разликата меѓу домашните и извозните цени, со цел да се спречи нагол скок на цените на бензинот и дизелот на внатрешниот пазар.
Во моментов компаниите добиваат компензација доколку ги продаваат горивата по цени што не ја надминуваат утврдената граница. Ако цената ја надмине референтната за повеќе од дозволениот процент, субвенцијата не се исплаќа.
ТАСС наведува дека индикативната берзанска цена за бензин АИ-92 годинава е утврдена на 60.450 рубли за тон, а ако просечната месечна цена ја надмине таа вредност за повеќе од 10 проценти, државата не исплаќа компензација. Кај дизелот, индикативната цена е 57.200 рубли за тон, а дозволениот праг за отстапување со право на субвенција е 20 проценти.
октомври 12, 2025