Сервисни информации
Првиот снег на повисоките места во Дебарско, во Маврово и на Шапка

По дождот, кој се уште врне во пониските делови од дебарскиот поширок регион, забележани се првите снежни врнежи во повисоките населени места, како Лазарополе, Броштица, подрачјето на Горна Жупа, во селото Татар Елевци над градот, како и во Маврово.
Сообраќајот во овој дел од државата се одвива непречено, но, се препорачува внимателно возење поради влажни коловози и помали, но, чести одрони, поради што се препорачува внимателно возење.
-На патните правци под наша надлежност има помали, но, чести одрони од камен. Поради влажните коловози, но и можноста од поголеми одрони, по што е познат нашиот регион, препорачуваме многу внимателно возење и строго почитување на патната сигнализација. Наши екипи се постојано на терен, со цел навремено расчистување и безбедно одвивање на сообраќајот, потврдија за МИА, од дебарската секција на Јавното претпријатие за одржување на магистрални и регионални патишта.
Додаваат дека целосно се подготвени да одговорат на секоја потреба иако зимскиот распоред на работа почнува на 5 ноември.
Под надлежност на оваа секција се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар-Маврово), Дебар- Глобочица (патен правец Дебар-Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, потоа кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост-Центар Жупа или над 110 километри.
Дожд секако позитивно ќе влијае во зголемувањето на дотеците на реките и потоците во овој регион, што ќе услови зголемен дотек на вода во акумулацијата „Дебарско Езеро“ на Хидроелектраната „Шпилје“.
Снег од ноќеска паѓа и во Маврово и на Попова Шапка.
октомври 2, 2025