Connect with us

Свет

Раководството на ЕП одлучува по иницијативите за изгласување недоверба на Еврокомисијата

Конференцијата на претседатели на Европскиот парламент се очекува денеска да донесе одлука двете иницијативи за изгласување недоверба на Европската комисија на Урсула фон дер Лајен да се најадат на пленарната парламентарна сесија предвидена за следната недела во Стразбур. 

Конференцијата на претседатели, која ја сочинуваат претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и првите луѓе на пратеничките групи, ќе заседава попладнево со задача за подготовка на следното пленарно заседание и утврдување на неговиот дневниот ред. 

Според најавите од ЕП, по двете иницијативи за изгласување недоверба на ЕК поднесени од пратеничките групи Патриоти за Европа (ПФЕ) и Левица, најверојатно ќе се расправа на заедничка дебата в понеделник вечер, додека одвоените изјаснувања на европратениците по нив би се одржале во термините за гласање в среда или четврток на пладне. 

Согласно процедурата, понеделничката дебата би почнала со обраќање на по еден претставник на предлагачите на двете иницијативи, кои би ги образложиле своите предлози, по што на европратениците би требало да им се обрати и самата Фон дер Лајен, доколку реши да интервенира и да одговори на изнесените наводи. По ова претставници на пратеничките групи ќе ги изнесат нивните ставови по иницијативата, а на крајот право на збор ќе имаат и други заинтересирани европратеници.   

Иницијативите на ПФЕ и Левицата беа поднесени кон средината на минатиот месец, по годишното обраќање на Фон дер Лајен пред Европскиот парламент, познато како за „Состојбата на Европската Унија“. 

За поднесување на ваква иницијатива потребна е поддршка од најмалку 72 европратеници, кои би требало да се потпишат на предлогот.  

Најавувајќи ја иницијативата на нејзината пратеничка група, потпретседателката на десничарската ПФЕ, унгарската европратеничка Кинга Гал од партијата Фидес, изјави дека Еврокомисијата и нејзината претседателка доживеале неуспех по прашањата за мирот, трговијата, конкурентноста, и миграцијата. 

Претседателот на ПФЕ и лидер на францускиот Национален собир (РН), Жордан Баредла, пак, оцени дека Комисијата покажала оти е немоќна да се справи со предизвиците со кои се соочува на ЕУ на меѓународната сцена.  

Главните забелешки на Патриотите на работата на Еврокомисијата се однесуваат на двата трговски договори – со земјите од Меркосур и со САД. Според Бардела, трговскиот договор со латиноамериканските земји членки на организацијата Меркосур претставува „предавство“ за земјоделците и животната средина во ЕУ, а договорот со САД – капитулација на „разоружената и дискредитирана“ Европска Унија.   

Во предлогот на Левицата, на кој според извори во групата, покрај нејзини и независни, потписи ставиле и пратеници на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите (СД) и на Зелените, исто така, се критикува трговската политика на ЕУ и договорите со САД и Меркосур, но и „неуспехот на Комисијата“ да реагира на „прекршувањата на меѓународното и хуманитарното право во Газа“.  

Во предлогот на оваа екстремно левичарска група се наведува дека Комисијата без добиен мандат прифатила Договор меѓу ЕУ и САД кој е „штетен за европските интереси“ и го покажува нејзиниот „демократски дефицит“, а дека со Договорот со Меркосур се ризикува „европските земјоделци и работници да бидат изложени на нелојална конкуренција и да бидат поткопани климатските цели на ЕУ“.   

Според Левицата, ЕК го игнорира и израелското кршење на меѓународното право во Газа и не презема ништо против Израел, за разлика од мерките преземени против Русија.   

За да бидат усвоени иницијативите треба да добијат поддршка од најмалку две третини од пратениците што ќе учествуваат во гласањето, при што бројот на оние што гласале „за“ треба да е поголем од половина од вкупниот број европратеници. Во сегашниот состав на Европарламентот има 720 пратеници.  

Иако, Бардела најави дека пратениците на ПФЕ би можеле да ја поддржат иницијативата на Левицата, сепак шансите некој од двата предлози да го обезбеди потребното мнозинство за усвојување се сметаат само за теоретски и речиси невозможни.  

Овие иницијативи за недоверба, следуваат по неуспешниот обид за соборување на Еврокомисијата предложен од романскиот десничарски европратеник Георге Пипереа, чиј предлог во јули во Европскиот парламент доби поддршка од 175 пратеници.