Свет
Европска недела на спортот: Движете се повеќе, скролајте помалку

Од денеска до 30 септември ЕУ ја одбележува Европска недела на спортот, чија цел е промоција на важноста на активниот животен стил и аматерското спортување за физичкото и менталното здравје.
Кампањата Европска недела на спортот, која стартуваше во 2015 година, како што соопшти Европската комисија, им помогна на милиони Европејци да ги откријат физичките, менталните и социјалните придобивки од спортот и физичката активност.
– Придружете ни се во уште една деценија напредок и ориентираност кон уште подинамична иднина, наведе Европската комисија по повод 10-то издание на Европската недела на спортот.
Годинава кампањата ќе биде насочена кон поттикнување на поздрави дигитални навики и инспирирање на поголема физичка активност под мотото „Движете се повеќе, скролајте помалку“.
– Да се биде активен е еден од најефикасните начини за подобрување на менталната благосостојба, намалување на стресот и зближување на луѓето низ генерациите. Од баби и дедовци кои шетаат со своите внуци, па до тинејџери кои играат тимски спортови и до возрасни кои прават пауза за вежбање. Физичката активност ни помага да се чувствуваме подобро, да размислуваме појасно и да се поврзуваме повеќе на секоја возраст, се посочува во најавата на Европската недела на спортот.
Во неа се нагласува дека современиот начин на живот не одржува поврзани, но исто така премногу често не држи да седиме.
– Оваа година, Европската недела на спортот ги охрабрува сите, особено младите, да го заменат скролањето со прошетка. Секој мал чекор е важен, без разлика дали станува збор за танцов предизвик, прошетка со пријатели или кошаркарски натпревар, се додава во најавата.
По повод Европската недела на спортот, Европската статистичка агенција – Евростат објави статистички податоци дека 47 отсто од жителите на ЕУ не се занимаваат со спорт или физички активности, 20 отсто имаа некаква физичка активност до 150 минути во денот, а 33 отсто над 150 минути дневно. Под физички активности се подразбираат спортување, вежбање, аеробик или возење велосипед.
Во 2024 година во спорот во ЕУ професионално биле ангажирани 1,6 милиони луѓе, што претставува 0,8 проценти од вкупното население на Унијата. Од овие 1,6 милиони, 37 отсто биле на возраст помеѓу 15 и 29 години, 59 меѓу 30 и 64 години и четири проценти над 65-годишна возраст.
Податоците покажуваат дека во 2023 година во ЕУ имало над 5.000 производители на спортска опрема, кои оствариле вкупен промет од осум милијарди евра.
септември 23, 2025