Connect with us

Свет

Поплавени улици и свлечишта по невреме во северна Италија

Обилните врнежи предизвикаа поплави и свлечишта во северна Италија, при што неколку реки излегоа од коритата.

Во повеќе општини, меѓу кои и во Кабјате, меѓу Милано и езерото Комо, водата стигна до колена низ улиците. На повеќе места имало одрони.

Неколку железнички линии, меѓу кои и делницата Комо–Кјасо, се во прекин.

Метеоролозите предупредуваат на дополнителни врнежи во наредните денови. Спасувачките служби ангажираа хеликоптери за да извлечат луѓе заглавени во домовите.

Повеќе од десетина туристи се евакуирани од камп што бил зафатен од поројните дождови во текот на ноќта. Една жена се води како исчезната.

И метрополата Милано, главниот град на регионот Ломбардија, е погодена од невремето. Реката Севезо излезе од коритото.

Градските власти ги повикаа жителите и посетителите на претпазливост во близина на реката и препорачаа да се избегнуваат парковите и зелените површини.