Connect with us

Живот

Потрагата по остатоците од авионот на Амелија Ерхарт заврши без успех

Потрагата по урнатиот авион на Амелија Ерхарт од нејзиниот лет околу светот во 1937 година заврши без успех, соопштија денеска истражувачите, пренесе ДПА.

Истражувачите отпатуваа до далечниот остров Никумароро, дел од архипелагот Кирибати во Тихиот Океан, за да го истражат таканаречениот „објект Тараиа“ (Taraia Object), забележан во лагуна на аеромагнетски и сателитски снимки во 2020 година.

Во соопштението објавено од Универзитетот „Пардју“ (Purdue University) во американската сојузна држава Индијана, истражувачите наведуваат дека аномалијата не била дел од остатоци од авион, туку најверојатно нанос од големи дрва.

До моментот кога тимот пристигнал на локацијата, поголемиот дел од остатоците се распаднале и биле однесени од водата.

– Духот на храброст и љубопитност на Амелија Ерхарт го водеше секој чекор од потрагата – изјави извршниот директор на Институтот за археолошко наследство (Archaeological Legacy Institute), Рик Петигру.

– Ја исполнивме нашата цел да утврдиме што е „објектот Тараиа“ и длабоко сме им благодарни на приватните донатори кои ја споделија нашата визија и го овозможија ова патување. Нашиот тим останува во одлично расположение и е горд на она што го постигнавме – рече Петигру, кој беше и лидер на тимот.

Членот на експедицијата Стив Шулц изјави дека групата тргнала да тестира хипотеза и ги следела доказите до самиот крај.

– Иако „објектот Тараиа“ не се покажа како она на што се надевавме, патувањето донесе нови откритија, го збогати светското знаење за Никумароро и напиша уште едно извонредно поглавје во приказната за откритија и истражувања – рече тој.

– Амелија Ерхарт никогаш не се откажа – таа ги поместуваше границите и леташе во непознатото. Тој ист оган ја разгорува и нашата потрага. Таа продолжи да лета, а ние ќе продолжиме да бараме – додаде Шулц.

Авионот на Ерхарт исчезна без трага над Тихоот Океан во 1937 година за време на нејзиниот обид да го прелета светот. Нејзиното тело никогаш не беше пронајдено.

Многу легенди и теории на заговор сè уште се поврзуваат со летот и судбината на Ерхарт, иако консензусот меѓу историчарите е дека тогаш 39-годишната пилотка се урнала и загинала.

Во 1928 година, Ерхарт стана првата жена која го прелета Атлантикот, иако тогаш беше патник. Во 1932 година, оваа пионерка во авијацијата го изведе и првиот соло лет на една жена преку Атлантикот како пилот.

Ad
Ad