Свет
Мадуро се повикува на имунитет и бара од американскиот судија да го отфрли обвинението
Соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро денеска побара од американскиот суд да ги отфрли обвиненијата порив него за трговија со дрога, тврдејќи дека тој треба да има имунитет од гонење како шеф на суверена држава.
Обвиненијата, поднесени во федералниот суд во Менхетен, беа основа за американската воена акција во Каракас и апсењето на Мадуро на 3 јануари. Венецуелскиот лидер, кој од неговото апсење се наоѓа во федералниот затвор во Бруклин, се изјасни за невин и треба да се појави на суд на 1 јуни 2027 година, доколку неговиот обид за отфрлање на обвинението биде неуспешен.
Принципот дека актуелните шефови на држави се имуни од гонење во странство е долгогодишен принцип на меѓународното право, кој се смета за фундаментален за дипломатијата, но американските судови не се спремни да го применуваат меѓународното право во кривични случаи.
Адвокатот на Мадуро, Бери Полак, се повика на имунитет во барањето за отфрлање на обвинението.Судијата Хелерштајн му даде на Полак рок до денеска да поднесе барање.
„Ова невидено гонење го нарушува апсолутниот имунитет од кривичната надлежност што шефовите на држави и странските функционери кои дејствуваат во свои службени капацитети го уживаат со векови“, напиша Полак.
Полак, исто така, напиша дека Мадуро бил лажно обвинет и дека тој „жестоко ги негира обвинувањата“.
Британските медиуми пренесуваат дека правните експерти сметаат дека Мадуро се соочува со тешка битка. Вашингтон не го признава Мадуро за претседател на Венецуела од 2019 година, а судовите во споровите околу тоа кој е признат за лидер на странска земја обично се водат од одлуките на американскиот претседател и неговиот кабинет.
САД престанаа да го признаваат Мадуро во 2019 година, кога тој беше инаугуриран по изборите во 2018 година за кои САД тврдеа дека биле наместени. САД, исто така, го нарекоа неговиот реизбор во 2024 година измама. Мадуро вели дека двата изборни процеси биле фер и долго време го обвинува Вашингтон дека бара негово соборување за да ја преземе контролата врз нафтеното богатство на јужноамериканската земја.
Полак напиша дека проценката на Вашингтон дека Мадуро нема легитимитет е ирелевантна.
По апсењето на Мадуро, неговата потпретседателка и социјалистичка сојузничка Делси Родригез ја води Венецуела и ја засилува соработката со администрацијата на Трамп. Минатиот месец, двете земји постигнаа договор според кој САД ќе преземат една петтина од нафтените резерви на Венецуела.
Полак напиша дека е „несоодветно“ САД да ја признаат Родригез, која беше назначена од Мадуро, но не и Мадуро. Тој посочи на изјавите на привремената претседателка и нејзините владини претставници во јануари и февруари, кои укажуваат дека тие сè уште го сметаат Мадуро за легитимен шеф на Венецуела.
Обвинителите имаат рок до 2 октомври да одговорат на барањето на Мадуро, а судијата Хелерштајн ќе одржи расправа за обидот за отфрлање на обвинението на 17 ноември.
септември 3, 2026
