Connect with us

Економија

В петок во Солун ќе се потпише меморандумот за проширувањето на Вертикалниот коридор со нашата земја

Проширувањето на Вертикалниот коридор со вклучувањето на нашата земја и Србија, како што беше одлучено на министерскиот состанок во Атина на средината на мај, се очекува в петок да се официјализира со потпишувањето на соодветните Меморандуми за разбирање, јави дописничката на МИА од Атина.

На крајот на јули министерот за животна средина и енергетика на Грција Ставрос Папаставру откри дека веројатно во септември „ќе да бидат потпишани договори со операторите од Северна Македонија и Србија за нивно учество во Вертикалниот коридор“.

Според информациите на МИА, се очекува овие договори, односно меморандуми да бидат потпишани в петок во Солун, а присутни ќе бидат и министрите за енергетика.

Во Солун на 4 септември ќе се одржат две конференции, едната во организација на Економист, другата на Грчко-американската стопанска комора, а и на двете во фокусот ќе биде енергетиката и според официјалната агенда, ќе учествува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Конференцијата „Southeast Europe Energy Forum“ на Грчко-американската стопанска комора, оваа година се одржува јубилејно по десетти пат и на панел-дискусијата посветена на „безбедноста, достапноста и конкурентноста во променливата енергетска средина“ освен министерката Божиновска и грчкиот министер Папаставру, ќе учествуваат и министрите за енергетика на Бугарија, Кипар и претставник од романскиот Парламент.

Веднаш по панел-дискусијата, планирано е потпишување на Меморандумите за разбирање за проширувањето на Вертикалниот коридор со нашата земја и Србија.

На средината на мај годинава во Атина се одржа министерски состанок на која присуствуваа министрите за енергетика на Македонија, Србија, Бугарија и домаќинот Грција и беше одлучено да се прошири Вертикалниот коридор кон нашата земја и Србија.

Пред два месеци, претставниците на грчкиот оператор за пренос на природен гас ДЕСФА, операторите на преносните системи од земјите од Вертикалниот коридор, Грција, Бугарија, Унгарија, Украина, Романија, Македонија и Србија, како и компаниите Гастрејд и ИЦГБ, одржаа состанок во Атина, на кој исто така се разговарало за проширувањето на конкретниот коридор.

-Оваа разврска го означува почетокот на техничките активности потребни за проширување на иницијативата „Вертикален коридор“ кон Северна Македонија и Србија, по политичката одлука донесена на квадрилатералната министерска средба што ја организираше Министерство за животна средина и енергетика во Атина на 15 мај, соопштија на средината на јули од грчкото Министерство.

Со вклучувањето во Вертикалниот коридор, нашата земја ќе обезбеди дополнителна енергетска стабилности и диверзификација на изворите, паралелно со останатите проекти, како што се интерконекторите со Грција и Србија, кои откако ќе бидат завршени Македонија ќе биде поврзана и на север и на југ и ќе има можност да стане значаен регионален центар за природен гас.

Минатата седмица беше потпишан Договорот за проектирање и изградба на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, со што официјално започнаа конкретните активности за реализација на уште еден стратешки енергетски проект за регионално поврзување и диверзификација на снабдувањето со природен гас.

Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека по завршувањето на овој проект и комплетирањето на интерконекторот, односно цевководот што ќе нè поврзе со нашиот јужен сосед, „ќе добиеме целосно вертикална поврзаност којашто е дел од коридорот 10 и геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна откако овие проекти ќе бидат реализирани, споредно со тоа што беше во минатото“.

Во однос на интерконекторот со Грција изградбата е во тек и се очекува следната година да биде завршен.

За овој интерконектор, на почетокот на јули Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, заедно со НОМАГАС и грчкиот оператор на гасниот преносен систем ДЕСФА (DESFA), ги усогласија следните чекори за негова реализација.