Култура
Во организација на театарот „Ултра” – Куманово, почна третото издание на меѓународниот фестивал на драмска претстава
Во Куманово вчера започна третото издание на меѓународниот фестивал на драмска претстава „КУ-ФЕСТ“, во организација на Театарот „Ултра“ Куманово. Фестивалот се одржува до 5 септември во НУЦК „Трајко Прокопиев“.
Во текот на шесте фестивалски дена, публиката ќе има можност да проследи шест театарски претстави од четири земји: Македонија, Косово, Бугарија и Србија. Покрај претставите, програмата е збогатена и со две музички вечери. Предвидена е и едукативна предавачка работилница за деца на тема „Магијата на театарот“. Фестивалот беше отворен со претставата „Носорози“ од Ежен Јонеско, изведена на албански јазик.
Фестивалот е замислен како простор за соработка и размена меѓу театарските уметници од регионот, преку кој се поврзуваат различни култури, јазици и уметнички идеи.
– „КУ-ФЕСТ“ е мост на соработка меѓу уметниците од Балканот, простор каде што театарот обединува различни култури, јазици и идеи. Преку квалитетни театарски претстави и уметнички средби, фестивалот ги промовира вредностите на сценската уметност и го претвора Куманово во значаен регионален театарски центар- изјави директорот на фестивалот, Ќазмедин Нуредини.
Организаторите посочуваат дека фестивалот има значење и за локалната културна сцена, особено поради можноста кумановската публика да проследи различни театарски продукции.
– На кумановската публика секогаш ѝ е потребна добра претстава. Со овој фестивал придонесуваме за јакнење на културната сцена во градот, затоа што театарот не само што нè забавува, туку и нè едуцира- изјави Симона Тоскиќ, една од организаторите на фестивалот.
На последната вечер ќе бидат доделени вкупно седум фестивалски награди, вклучително и специјалната награда за најдобар актер. За победниците ќе одлучува тричленостручно жири во состав: Леунора Калиќи, Зејадин Муртези и Роберт Ристов. Покрај шесте фестивалски награди, се доделува и специјалната награда што го носи името на познатиот кумановски актер „Сефедин Нуредини“, која му се доделува на најдобриот актер на фестивалот. Ова признание претставува чест и симбол на посветеноста, талентот и придонесот кон театарската уметност.
септември 2, 2026
