Connect with us

Култура

МНТ подготвува премиера на „Црно злато“ по текст на Дејан Дуковски и режија на Слободан Унковски

Во Македонскиот народен театар денеска почнаа пробите за новата претстава „Црно злато“, по текст на Дејан Дуковски и во режија на Слободан Унковски. МНТ соопшти дека премиерата се очекува во текот на декември.

Во центарот на приказната е едно семејство, неговите премолчени конфликти, трауми, љубови, загуби и обиди за повторно пронаоѓање на сопствениот идентитет. Во претставата што се поставува по текстот на Дуковски – „Црно злато (опиум или пари)“ ликовите се соочуваат со семејната транзиција, минатото кое не исчезнува и сегашноста која постојано ги враќа едни кон други.

-„Црно злато“ носи авторски потпис на Дејан Дуковски, драматург чие творештво со својата специфична естетика, црн хумор, остар јазик и препознатлив авторски сензибилитет остава голем печат во македонскиот и европскиот театар. По долгогодишна и исклучително значајна творечка кариера, Унковски повторно се враќа на големата сцена на МНТ. Неговата последна режија на оваа сцена беше претставата „Сите сме птици“, со која оствари уште еден голем успех, информира МНТ. 

Во актерската екипа се Јовица Михајловски, Мими Таневска, Камка Тоциновски, Нела Павловска,  Григор Јовановски, Сашко Коцев, Софиа Насевска-Трифуновска и Гораст Цветковски. 

Сценографијата е на Бранко Хојник, костимограф е Александар Ношпал, композитор Златко Ориѓански, асистент на режисерот Звездана Ангеловска и асистент на сценографот – Мартин Манев. Во претставата учествуваат музичари и хор.

-Со „Црно злато“ МНТ повторно ги обединува имињата на Дејан Дуковски и Слободан Унковски: тандем кој во македонскиот театар носи препознатлив сценски јазик, силни ликови, провокативни теми и исклучителна драматуршка и режисерска енергија, наведува МНТ во соопштението.