Свет
Кина и САД почнаа трговски разговори во Мадрид

Кина и САД денеска почнаа економски разговори во Мадрид, јавија новинската агенција Синхуа и шпанската влада.
Министерот за финансии на САД, Скот Бесент, се сретна со високи кинески функционери, вклучувајќи го вицепремиерот Хе Лифенг, за да разговараат за економски и трговски прашања, како и за апликацијата ТикТок, потврдиле двете страни.
– Кинеската и американската делегација денеска се сретнаа за разговори за економски и трговски прашања, јави кинеската агенција Синхуа од Мадрид.
Кинеската делегација е во Мадрид до среда, рекле кинески официјални лица.
Трговските тензии меѓу Пекинг и Вашингтон постепено се зголемуваа во 2025 година, а двете земји се вклучија во заострување по прашањето на царинските мерки.
Во текот на годинава, царините меѓу САД и Кина достигнаа нивоа трипати поголеми од нормалните од двете страни, што го наруши синџирот на снабдување.
Од тогаш, Вашингтон и Пекинг постигнаа договор за смирување на тензиите, привремено намалувајќи ги царините на 30 отсто за САД и 10 отсто за Кина.
Во август, двете земји се согласија да го одложат спроведувањето на понатамошното зголемување на царините за меѓусебен извоз за 90 дена, продолжувајќи го трговскиот договор до 10 ноември.
Функционерите на двете земји исто така треба да разговараат за платформата за социјални медиуми ТикТок.
Рокот за наоѓање купувач кој не е од Кина или забрана на апликацијата во САД е продолжен до 17 септември, по третото одложување на американскиот претседател Доналд Трамп.
Американскиот федерален закон кој бара продажба или забрана на ТикТок поради национална безбедност требаше да стапи во сила ден пред инаугурацијата на Трамп во јануари.
Кинеското Министерство за трговија во петокот го повика Вашингтон „да соработува со Кина врз основа на меѓусебно почитување и рамноправни консултации, за да се решат меѓусебните загрижености преку дијалог и да се најде решение на проблемите“.
септември 15, 2025