Фудбал
Почина Кевин Киген
Поранешниот англиски фудбалски репрезентативец, тренер и селектор Кевин Киген почина на 75-годишна возраст, по тешко боледување, јавија денеска британските медиуми.
Во јануари оваа година на Киген му беше дијагностициран рак, а во јуни беше обелоденето дека болеста е во четвртиот стадиум.
„Со огромна тага објавуваме дека Кевин Киген почина на 75-годишна возраст. Поранешниот фудбалер и селектор на Англија се бореше со рак и беше опкружен со сопругата и ќерките во последните моменти. Семејството сака да му се заблагодари на медицински тим за нивната поддршка‘, соопшти семејството.
Еден од најдобрите англиски фудбалери во историјата ја почна својата кариера во Сканторп пред да му се приклучи на Ливерпул во 1971 година за само 33.000 фунти.
„Кралот Кевин“ во дресот на Ливерпул три пати ја освои англиската титула, ФА Купот, Купот на европските шампиони и две титули во Купот на УЕФА.
Киген, кој е единствениот британски фудбалер што освои две „Златни топки“, во 1978 и 1979 година, настапуваше и за Саутемптон, Њукасл Јунајтед, Блектаун како и германски Хамбургер.
За англиската репрезентација одигра 63 натпревари и постигна 21 гол.
Седум години по пензионирањето, во 1992 година, седна на клупата на Њукасл, по што ги предводеше Фулам и Манчестер Сити, а беше селектор на Англија од 1999 до 2000 година.
Киген пишуваше колумни во весници, беше еден од првите англиски фудбалери со свои брендирани копачки, а зад себе остави и хит албум (Head Over Heels in Love). Во текот на 70-те години од минатиот век беше заштитно лице на лосионот за после бричење Brut 33, заедно со прославениот англиски боксер Хенри Купер.
јули 21, 2026


