Култура
Антологискиот албум „Македонија“ на дуото „Будапесме“ ѝ ја носи автентичната македонска традиција на унгарската и светска музичка сцена
Културниот центар „Балкан херитиџ“ (Balkan Heritage / Балканско наследство) од Будимпешта со гордост го најавува своето прво музичко издание под сопствена дискографска куќа.
„Антологискиот албум ‘Македонија’ во изведба на унгарското дуо ‘Будапесме’ претставува значаен исчекор во зачувувањето и промоцијата на богатото фолклорно наследство на Македонија. Албумот ‘Македонија’ содржи осум изворни македонски песни како ‘Ајде сонце’, ‘Подигни си бре, невесте дулачето’, ‘Ој, Зарино прва севдо’, ‘Ибраим оџа’, ‘Море чичо рече’. Златко Панзов го направи изборот на песните поаѓајќи од идејата да бидат застапени народни песни од сите делови на Македонија. Во однос на текстовите се инсистираше на поголема автентичност, односно да бидат во духот на времето од коешто потекнуваат, онака како што се изведувани од големите бардови на македонската народна музика: Кирил Манчевски, Никола Бадев, Васка Илиева, Александар Сариевски“, соопшти Културниот центар.
Зад името „Будапесме“ стои дуото од Будимпешта, составено од Вероника Варга и Бенедек Рети, кои се споени од заедничката страст кон автентичната и емотивна македонска и балканска музика.
„Албумот официјално ќе биде објавен и пуштен во продажба на 15 јули 2026 година и ќе биде достапен во дигитален формат и на винил. Ќе може да се најде на музичките платформи ‘Спотифај’, ‘Епл мјузик’ и други. Винилното издание на албумот од август ќе биде достапно по продажните места во Македонија“, се додава.
Проектот е реализиран со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам.
Златко Панзов е еден од основачите на Културниот центар „Балкан херитиџ“, чија што мисија е негувањето, зачувувањето и достоинствената меѓународна промоција на балканската традиција. Тој е и главен столб, иницијатор и извршен продуцент на овој обемен музички проект. Како културен менаџер, организатор на манифестацијата „Денови на македонска култура во Будимпешта“, преведувач на унгарска книжевност на македонски јазик со повеќе од 40 објавени дела и лектор по македонски јазик на престижниот Универзитет ЕЛТЕ во Будимпешта, Панзов е долгогодишен мост меѓу македонската и унгарската култура. Како носител и реализатор на проектот „Македонија“, тој ги надгледуваше сите фази на продукцијата – од првичниот концепт, преку изборот на репертоарот, па сè до финалното оживување на грамофонска плоча.
„Посебна уметничка тежина на ова издание му дава учеството на три еминентни имиња и виртуози на македонската музичка сцена. Тоа се: Наум Петрески, еден од највпечатливите вокали во историјата на македонската песна, синоним за македонскиот мелос и чувар на изворната традиција; проф. д-р Горанчо Ангелов, врвен виртуоз на гајда, амбасадор на македонското културно наследство и долгогодишен професор кој ги пренесува тајните на фолклорот на новите генерации; и Мишел Трајковски, еден од најталентираните современи хармоникаши, познат по уникатниот спој на македонскиот фолклор со џез и етно-елементи“, се наведува во известувањето.
Покрај исклучителниот аудио-материјал снимен во професионалното студио „Икс-ел Момироски“ во Скопје, албумот се одликува и со извонредна визуелна компонента. Корицата и дизајнот на албумот се внимателно осмислени за визуелно да го одразат длабокиот емотивен карактер на песните и македонската традиција, правејќи го винилното издание вистинско уметничко парче за колекционерите. Фотографијата на корицата е на Јелена Белиќ, а графичкото решение на Богларка Фодор.
јули 17, 2026

