Култура
Почина Тинка Ристеска, доајенка на Струмичкиот театар
„Со длабока тага се простуваме од нашата долгогодишна актерка Тинка Ристеска (1953-2026) – уметник и човек што остави неизбришлива трага во историјата на Струмичкиот театар“, објавија денеска од НТ „Антон Панов“.
-На 12 јули 2026 година, Тинка замина кај оние за кои изминатиот месец говоревме низ серијалот „Сеќавања“- кај темелниците и великаните на Струмичкиот театар. Денес и таа станува дел од тој вечен пантеон на уметници што го создадоа и изградија нашиот театар. Тинка не беше само голема актерка. Таа беше прекрасен човек, секогаш подготвена да помогне, да охрабри и да го пренесе своето знаење. Беше мост меѓу генерациите – меѓу основачите на театарот и најмладите актери, оставајќи зад себе не само големи улоги, туку и голема човечност, се наведува во соопштението на НТ „Антон Панов“.
Ристеска на само 16 години, во 1969 година, првпат застанала на сцената на Струмичкиот театар со улогата на Донка во претставата „Бегалка“. Од тој момент таа го започнала патувањето долго 55 години, во кое оствари повеќе од сто улоги и создаде ликови што трајно ќе останат во македонската театарска меморија.
Нејзиниот раскошен талент блескаше во претставите „Галеб“, „Стаклена менажерија“, „Магбет“, „Ромео и Јулија“, „Печалбари“, „Женидба“, „Крвави свадби“, „Тетовирани души“, „Бледица“, „Лет во место“, „Хамлет од Долно Гаштани“, „Чудо големо“, „Вечна игра“ и многу други.
И по пензионирањето, во 2005 година, остана верна на сцената. Во 2019 година го одбележа својот 50-годишен актерски јубилеј, а во 2024 година и 55 години актерска дејност – редок јубилеј на уметник што целиот свој живот му го посвети на театарот.
Покрај сцената, остави значаен белег и во телевизиски серии, ТВ-проекти и долгометражни филмови.
Погребот ќе се изврши на утре на Градските гробишта во Струмица.
јули 14, 2026


