Култура
Заврши 21. издание на Фестивалот „Македонско културно лето 2026“
Во Пустец, Мала Преспа, синоќа заврши 21. издание на фестивалот „Македонски културно лето 2026“.
На програмата на оваа значајна културна манифестација, во изминатите пет дена се најдоа познатите “Љубојна”, “ансамблот Тиквеш”, претставите за деца / мјузикл “Штурците и Мравките”, и “Шеќерната Приказна”, се одржа и ревија на народни носија “Од Љубаништа до Дебор“, Промоција на книгата “Охридски фолклористи”, Краткометражен филм “Приказна за една охридска свадба“ и ликовна изложба Преспански поетски ден.
Градоначалникот на Пустец, Пали Колефски не го крие задоволството од успешно реализираната манифестација.
-Изразувам посебна благодарност до организаторот на активноста, Едмонд Сотир, за неговата посветеност и придонес во реализацијата на овој настан, кој дава виталност на културниот живот на подрачјето и ги промовира нашите културни вредности, рече Колефски за МИА.
Ја нагласи важноста на културната соработка меѓу регионите на Охрид и Преспа, како мост на поврзување што помага во зачувувањето и промовирањето на заедничките традиции.
-Општина Пустец останува посветена на поддршка на вакви иницијативи што ја зајакнуваат културната соработка и го промовираат нашиот заеднички идентитет, порача Колефски.
Фестивалот беше поддржан од македонското министерство за култура и туризам и други помагатели а организатор е Едмонд Сотир, Здружението на Македонците по потекло од Албанија „СОНЦЕ“- Скопје и Општина Пустец
јули 7, 2026

