Connect with us

Свет

ЕП предлага измени на изборното законодавство на ЕУ за обезбедување поотпорни и поинклузивни избори

Европскиот парламент со 388 гласови „за“, 186 „против“ и 34 „воздржани“ денеска ги усвои Заклучоците за европските избори во 2024 година, со кои се бара спроведување „длабоки реформи“ со цел да се обезбеди идните избори да бидат „поотпорни, поинклузивни и вистински европски“. 

Со документот се бара обезбедувањето на фер пристап до гласање за сите Европејци, посебно за младите луѓе, ранливите групи и 11-те милиони мобилни граѓани, потоа справувањето со дезинформациите, како и хармонизирање на изборните правила во земјите членки со цел да се  заштити интегритетот на европската демократија. 

Парламентот ја нагласува и потребата од борбата против антидемократската реторика, евроскептицизмот и внатрешните и надворешните закани по демократијата. Во заклучоците се осудуваат ширењето на дезинформации и политички мотивираното насилство за време на изборната кампања и се бараат посилни заштитни мерки за политичарите, новинарите и активистите.  

Европратениците предупредуваат на „влијанието на доминантните онлајн платформи во обликувањето на политичката дебата“ и нагласуваат дека „изборните измами не започнуваат на денот на изборите, туку со демонтирањето на вредностите на ЕУ и ширењето на странски дезинформации и пропаганда во месеците и годините пред тоа“. 

Парламентот бара со измените на изборното законодавство да се утврди еден ден во кои гласањето ќе се одвива во сите земји, воведување на единствена возраст за стекнување на право на глас, овозможување поголемо гласање по пошта, како и построги ограничувања за донациите на партиите и кандидатите за пратеници и забрана за финансирање од странство. 

– И покрај зголемената свест на граѓаните за улогата на Парламентот и нивните заеднички политички приоритети, изборните дебати остануваат фокусирани на национални прашања, се оценува во заклучоците и се повикува на поблиска соработка со граѓанското општество, националните партии и медиумите за зајакнување на европската димензија на изборните кампањи и за зголемување на довербата на граѓаните.