Скопје
„Гола месечина“ продолжува кај „Авионче“ со претставата „За нас почнува живот“

Меѓународен фестивал на комедијата „Гола месечина“ што го организира Општина Аеродром продолжува вечер во паркот „Авионче“ со претставата „За нас почнува живот“ од Ѓерѓ Шпиро, во режија на Дејан Пројковски. Во претставата, која е дел од Здружението МАНА – Скопје, играат актерите Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Нино Леви.
Дванаесеттото издание на „Гола месечина“ беше одтворено синоќа со претставата „Брачно советување“ од Даниел Глатауер во режија на Жељко Стјепановиќ и во изведба на актерите Снежана Мишиќ, Жељко Еркиќ и Жељко Стјепановиќ од Градско позориште Јазавац од Бања Лука, Босна и Херцеговина.
На 12 септември (петок) на репертоарот е претставата „Вонбрачна комедија“ во режија на Иван Томашевиќ. Во претставата, која е дел од Сцена Маска – Шабац, играат актерите Анета Томашевиќ, Наѓа Ристиќ, Душан Симиќ и Иван Томашевиќ.
На 13 септември (сабота) ќе се одигра претставата „Ива и Глорија“ од Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња, во режија на Јан Керекеш, во изведба на Театар Керекеш од Вараждин, Хрватска. Играат актерките Глорија Дубељ и Ива Шимиќ Шакороња. Истата вечер од 21:20 часот, како дел од придружната програма на „Гола месечина“, стендап-настап ќе има Бојан Велевски.
Претставите годинава ги избра Роберт Ристов. Почнуваат од 20 часот, влезот е бесплатен. На последната фестивалска вечер ќе бидат доделени наградите, за кои ќе одлучува жири во состав Кристина Ласовска, Оливер Јосифовски и Мирјана Поповска-Ристов.
септември 12, 2025