Connect with us

Свет

Отворен Претседателскиот центар „Обама“, билетите распродадени до ноември

Поранешниот американски претседател Барак Обама и поранешната прва дама Мишел Обама денеска изненадија дел од првите посетители на новиот Претседателски центар „Обама“, пречекувајќи ги лично на отворањето на комплексот.

Брачната двојка Обама, придружувана од поранешниот водител на популарната образовна детска емисија „Ридинг Рејнбоу“, Левар Бартон, им читаше книги на ученици во првиот ден од отворањето на центарот, кој се очекува да привлекува околу еден милион посетители годишно.

Отворањето се одржа на американскиот празник Џунтинт – 19 јуни, со кој се одбележува крајот на ропството во САД.

По отворањето следеше свеченост со учество на бројни познати личности, на која Обама одржа инспиративен говор пред публика во која имаше тројца поранешни американски претседатели, нивните сопруги, како и политичари, музичари, спортисти и други јавни личности. Илјадници посетители го следеа настанот во живо од блискиот парк.

За претстојниот викенд се планирани дополнителни настани во големиот кампус на јужната страна на Чикаго, во близина на местото каде што Обама живеел и ја започнал својата политичка кариера. Комплексот се наоѓа во близина на Музејот за наука и индустрија „Грифин“, крај езерскиот парк и недалеку од Универзитетот во Чикаго.

Билетите за пошироката јавност се распродадени до крајот на ноември, но посетителите кои успеале да обезбедат влезница за првиот ден добија неочекувана можност лично да се сретнат со Обама и со неговата сопруга.

Кампусот вклучува висока музејска зграда која го претставува политичкиот пат и приватниот живот на првиот афроамерикански претседател на САД и неговата сопруга. Во рамките на комплексот има и филијала на Чикашката јавна библиотека, детско игралиште, спортски центар, кошаркарски терени и простор за излети и скара.

Кулата е дизајнирана да претставува четири раце што се спојуваат во знак на солидарност. На една од страните се испишани бетонски букви високи 1,5 метар со извадок од говорот на Обама од 2015 година по повод 50-годишнината од маршевите од Селма до Монтгомери, кој започнува со зборовите: „Вие сте Америка“

Ad
Ad