Свет
Египетскиот претседател и Трамп разговараа на маргините на самитот на Г-7
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп на маргините на самитот на Групата седум (Г-7) во францускиот туристички град Евијан-ле-Бен. Средбата се одвива во услови на засилени дипломатски напори за зајакнување на неодамна објавениот договор меѓу САД и Иран и за постигнување стабилност на Блискиот Исток, јави весникот „Ал Ахрам“.
Претходната средба меѓу Трамп и ел Сиси се одржа на маргините на Светскиот економски форум во Давос во јануари, неколку месеци по нивното заедничко претседавање со Самитот за мир во египетското одморалиште Шарм ел Шеик на Црвеното Море во октомври 2025 година, кога беше потпишана декларацијата за завршување на војната во Појасот Газа.
Египет се смета за еден од клучните посредници во напорите за изнаоѓање решение за конфликтите и за отворените прашања во регионот.
Во текот на вчерашната сесија на Г-7 насловена „Надминување на кризи и одржување на стабилноста на Блискиот Исток“, ел Сиси ја претстави визијата на Египет за регионалниот развој пред лидерите на седумте најразвиени економии во светот – САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Канада и Јапонија, како и пред претставниците на Обединетите Арапски Емирати и Катар, и шефовите на Европскиот совет и на Европската комисија.
Тој истакна дека мировниот договор меѓу Египет и Израел е модел за регионот и повика да се искористи можноста за постигнување траен мир на Блискиот Исток.
Египет по вторпат учествува на форумот на Г-7. Првото учество на земјата беше во август 2019 година во францускиот град Биариц, кога претседаваше со Африканската унија на ротациски принцип.
јуни 17, 2026


