Connect with us

Свет

Политико: Урсула фон дер Лајен нема да се кандидира за трет мандат на чело на Европската комисија

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен нема да се кандидира за трет мандат на чело на извршното тело на Европската Унија, изјавија двајца високи функционери, а пренесува весникот „Политико“.

Прашањето за плановите на Фон дер Лајен по 2029 година било покренато за време на приватна вечера, кога шефот на нејзиниот кабинет, Бјорн Зајберт, се обидел да ги увери присутните високи претставници дека планираната реорганизација на Европската комисија не е дел од поширока концентрација на моќ, наведува американскиот медиум.

Според двајцата функционери, Зајберт го навел недостигот од интерес на Фон дер Лајен за трет мандат како аргумент против обвинувањата кои велат дека реформите се дел од поширок процес на централизација на власта.

Портпаролот на Европската комисија, коментирајќи ги шпекулациите за можен трет петгодишен мандат, изјави дека Фон дер Лајен е „целосно фокусирана на тековниот мандат и на клучните предизвици со кои Европа се соочува денес“.

„Тоа ги вклучува самитот на Г-7 и состанокот на Европскиот совет што ќе се одржат оваа недела“, додаде портпаролот, нагласувајќи дека „ќе има време за размислување за 2029 година во подоцнежна фаза“.

Поддржувачите на Фон дер Лајен тврдат дека нејзината построга контрола ѝ помогнала на Европската Унија да одговори на големите предизвици, вклучувајќи ја и руската војна против Украина и растечките трговски тензии со САД. Нејзините критичари, пак, оценуваат дека начинот на управување во вториот мандат е премногу централизиран, наведува „Политико“.

Додека за претседателите на Европскиот совет постои ограничување од два мандата според договорите на ЕУ, за претседателите на Европската комисија нема такво ограничување. Досега само Жак Делор извршувал три последователни мандати, во периодот од 1985 до 1995 година.

За време на изборите за следниот Европски парламент во 2029 година, кој потоа треба да ја избере новата Европска комисија, Урсула фон дер Лајен ќе има 70 години, додава „Политико“.

Ad
Ad