Свет
Вонредна седница на унгарскиот парламент за законските измени за одмрзнување на средствата од ЕУ
Парламентот на Унгарија на вонредна седница ќе дебатира за пет предлог-закони поврзани со исполнување на условите за пристап до замрзнатите средства од Европска Унија.
Вонредната седница е свикана бидејќи пролонгирањето на предлог-законите за есенската сесија би го одложило спроведувањето на важните реформи.
Некои од предлозите предвидуваат построги правила за пријавување и контрола на имотот на јавните службеници. Планирано е проширување на овластувањата на Агенцијата за интегритет (унгарска комисија за борба против корупцијата), како и други мерки за зајакнување на надзорот.
Ќе се дискутира и за распуштањето на фондациите за управување со јавни средства и измените на Законот за кривична постапка насочени кон зајакнување на механизмите за борба против корупцијата.
Според владата, усвојувањето на овие измени ќе ѝ овозможи на Унгарија да ги исполни барањата од Планот за закрепнување и отпорност на ЕУ во утврдениот рок.
На седницата ќе се разгледаат и измените на договорот за соработка меѓу Унгарија и Словачка за изградба на гасовод.
Меѓу темите на дневен ред е предлогот за укинување на сегашниот систем за оценување на работата на наставниците.
јуни 16, 2026

