Култура
Хуманост, музика и сеќавања: Кочани му оддаде почит на Јорданчо Џамов и на 63 жртви од трагедијата
Со музика, хуманост и силна порака за заедништво, во Паркот на Револуцијата во Кочани синоќа се одржа хуманитарен настан посветен на Јорданчо Џамов и 63-те жртви од трагедијата што длабоко го потресе градот и целата јавност.
Голем број граѓани присуствуваа на настанот, каде што беа организирани модна ревија, хуманитарна продажба на фустани и богата музичка програма. Собраните средства се наменети за изградба на спомен-обележјето „Патека на бесконечноста“, како и за поддршка на семејства од ранливи категории.
Професорката Сања Ристевски од УГД истакна дека Јорданчо Џамов како личност оставил неизбришлива трага кај своите професори, студентите и пријателите од факултетот во Штип, а неговата добрина и човечност засекогаш ќе останат во сеќавањата на оние што го познавале.
Во рамки на настанот беше промовирана книгата посветена на прерано починатиот Џамов, која е дело на авторките Ружица Блажева и Натали Ајтовска. Книгата претставува сведоштво за еден краток, но исполнет живот кој оставил силна и трајна трага во срцата на многумина.
Неговата сестра, Розета Блажева, емотивно се обрати пред присутните, нагласувајќи дека е тешко да се пронајдат вистинските зборови за личност каква што бил Јорданчо, но дека неговата љубов и добрина продолжуваат да живеат преку спомените на неговите најблиски.
Посебни емоции кај публиката предизвикаа музичките настапи на македонската музичка ѕвезда Каролина Гочева, како и на ОМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани, чии изведби дополнително ја збогатија вечерта исполнета со почит, тага и надеж.
Во знак на сеќавање и почит кон жртвите, кон небото беа пуштени 63 балони, симболично оддавајќи почит на секој од згаснатите животи.
Настанот беше организиран од семејството и пријателите на Јорданчо Џамов, кои испратија порака дека споменот, солидарноста и хуманоста треба да продолжат да живеат и во иднина, како потсетник дека љубовта и заедништвото се најсилниот одговор на секоја болка.
јуни 16, 2026


