Култура
Владанка Крстевски ја освои наградата за најдобра актерка на фестивалот „MONO AKT“ во Приштина
Актерката на Театар Куманово, Владанка Крстевски, ја освои наградата за најдобра актерка на овогодишното издание на интернационалниот фестивал на монодрама „MONO AKT“ кој се одржа во Приштина, информираа денеска од кумановскиот театар.
На фестивалот учествуваа актери со монодрами од Италија, Колумбија, Франција, Албанија, Украина. Жирито во состав Нина Мазур потпретседател на Меѓународниот форум за монодрама театарски критичар, театролог и драмски писател, Слобо Маруновиќ театарски, филмски и телевизиски актер и Хазир Хазири, актер и декан на Факултетот за уметности во Приштина ја додели фестивалската награда на актерката Крстевски за нејзината улога во монодрамата „Прво лице еднина“, која е работена во режија на Драгана Гунин.
– Признанието за мене е потврда дека искреноста вложена во работата успева да допре до луѓето. Професионално, наградата ми дава дополнителна сила и верба да продолжам да истражувам, да учам и да му останам верна на театарот. Кога го слушнав моето име, почувствував благодарност и кон публиката и кон сите што биле дел од мојот пат – вели актерката.
Таа додава дека на ваквите фестивали не се среќаваат само претстави, туку и „души што ја делат истата љубов“.
За монодрамата, в целосна посветеност и голема внатрешна дисциплина.
-На сцената сте сами, но во исто време треба да создадете цел еден свет. Тоа е и предизвик и привилегија. Подготовката беше интензивна, но секој чекор ме водеше подлабоко кон ликот и неговата вистина. Драгана Гунин е режисерка која знае да создаде простор во кој актерот може слободно да истражува додава актерката.
Таа објаснува дека публиката во Приштина била исклучително внимателна и емотивно присутна. Крстевски оценува дека ваквите меѓународни признанија се значајни не само поединечно, туку и за афирмација на Театар Куманово и целокупната работа на ансамблот. Крстевски најави дека и во наредниот период ќе остане посветена на нови идеи и театарски процеси.
јуни 15, 2026


