Култура
Во Белград отворена изложба на колекционерски дела од Петар Мазев
Во организација на македонскиот Културно-информативен центар и МТС Дворана, вечерва во Белград беше отворена изложба „Сага за творечките немири“ посветена на великанот на македонската ликовна уметност Петар Мазев на која се изложени десет дела од приватната колекција кои до 12 јули ќе бидат пред белградската публика во рамките на пригодното одбележување 30 години македонско-српски дипломатски односи.
Директорот на македонскиот КИЦ во Белград Васко Шутаров во обраќањето нагласи дека споменувањето на името на Петар Мазев означува мост за поврзување на две култури.
-Кога се спомнува името на Петар Мазев во Македонија, но и во Белград, тогаш зборуваме за мостови. Мостови што ги поврзуваат двете блиски култури. Тоа се мостови што подобро се препознаваат, разменуваат енергија, идеи и зближувања. Петар Мазев е еден од најмоќните мостови на поврзување меѓу Македонија и Србија. При организирањето на изложбата помислив колку е се уште жив Мазев преку своите дела, нашиот великан на македонската ликовна уметност и основоположник на Ликовната академија во Скопје, белградски студент, изјави Шутаров.
Тој додаде дека „наша благородна мисија е да продолжуваме живот на луѓе кои биле жив мост меѓу нашите култури како што е Петар Мазев“.
Државната секретарка во македонското Министерство за култура, Марија Станчевска Ѓоргова при отворањето на изложбата потенцира дека големите уметници не припаѓаат само на своето време туку продолжуваат да живеат преку своите дела, да разговараат со нови генерации, но и да потсетуваат дека уметноста е една од ретките вредности што му одолева на времето.
– Петар Мазев е токму таков уметник – вечерва оддаваме почит на еден од творците на современата македонска ликовна сцена, на автор чие име е дел од културната меморија на Македонија. Делата на Мазев добиваат нов простор за дијалог и нова можност да се потврди неговата универзална вредност. Мазев беше визионер и еден од оние луѓе кои разбираа дека културата не се гради само со талент туку и со институции знаење и посветеност, нагласи Станчевска Ѓоргова.
Таа потсети на изјавата на Глигор Чемерски кој за Мазев вели дека беше редок творец кој не го следеше времето во кое живееше туку создаваше свое време во уметноста и на Кондовски кој за Мазев вели дека ја претвора бојата во емоција, а емоцијата во духовна вредност што трае.
– Во неговите дела има длабоко македонски и истовремено – универзално. Во нив живеат бојата на поднебјето драматиката на историјата енергијата на човекот и немирот на авторот. Неговите платна се скапоцено сведоштво за едно време. Но, и пораки што продолжуваат да допираат и денес. Токму затоа неговата уметност не бара само визуелна перцепција туку и мобилизација на сите сетила. Таа не предизвикува да размислуваме и преиспитуваме и да ја откриеме длабочината на сопственото искуство. Уметник чии дела одамна ги надминаа границите на времето и просторот, нагласи таа.
„Денес овие дела зрачат со иста сила, иста страст и ист немир со кои се создавани. Со тоа се потврдува дека вистинската уметност никогаш не старее“.
Петар Мазев (1927 Кавадарци-1993 Скопје), бил белградски студент на Академијата за ликовни уметности и е еден од најпрепознатливите македонски ликовни уметници во втората половина на 20. век, со остварени бројни изложби во белградските ликовни простори.
„Треба да се истакне професионалната заложба на Васко Шутаров раководител на македонскиот КИЦ во Белград кој ги отвори вратите на доверба од страна на приватните сопственици што е евидентно и за оваа изложба која подразбира дела од колекцијата на Игор Станковиќ со чија збирка и почна овој проект, наведува во каталогот за изложбата, позната историчарка на уметноста Викторија Васева Димеска.
јуни 13, 2026


