Connect with us

Скопје

Запуштен простор во Бутел се трансформира во модерен мега парк

Во тек се градежните активности за изградба на нов мега парк долж булеварот „Христијан Тодоровски – Карпош“, за што денеска увид извршија градоначалниците на Општина Бутел и Град Скопје, Дарко Костовски и Орце Ѓорѓиевски.

Од Општината информираат дека станува збор за трансформација на запуштен простор во модерен и функционален зелен комплекс, со содржини наменети за сите возрасни категории.

-Запуштениот простор долж булеварот прераснува во современ мега парк со зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки и фитнес зони- објави градоначалникот Костовски на својот Фејсбук профил и додаде дека инвестицијата во зелени површини е инвестиција во здравјето и иднината на градот.

Новиот парк ќе се простира на површина од 8.000 квадратни метри и ќе содржи богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес-зони и други содржини за рекреација и одмор.

Проектот е дел од програмата за изградба на четири мега паркови на територијата на градот Скопје. Паралелно со овие проекти, предвидена е и реализација на околу 50 помали паркови во сите скопски општини, од кои дел веќе се во фаза на изградба.

Градоначалниците Ѓорѓиевски и Костовски нагласија дека развојот на зелената инфраструктура останува еден од приоритетите во нивното работење, со цел обезбедување поквалитетни услови за живот за сите граѓани.

Проектот се реализира во соработка меѓу Општина Бутел и Град Скопје, со цел унапредување на урбаното живеење и зголемување на зелените зони во главниот град.

Ad
Ad